Македонија јаде најсолен леб
Најновото светско истражување за содржината на сол во лебот покажува дека некои од контролираните примероци имале повисока содржина на сол отколку морската вода. Здружението „Светска акција за сол и здравје“ собра повеќе од две илјади примероци леб, како што се белиот, пченкарниот, интегралниот, ’ржаниот од 32 земји, вклучувајќи ги и Македонија, Србија и Бугарија.
На српскиот пазар се анализирани 69 примероци од продавници и пекарници во Нови Сад и воочено е дека највисока просечна содржина на сол е утврдено во белиот леб и лебот од разни видови житарки. Во овие категории, секој трет леб имал висока содржина на сол. Загрижува фактот дека ниту еден леб на пазарот во Македонија и во Србија не содржел помалку сол, покажа истражувањето. Инаку, студијата покажа дека белиот леб со највисок просек на сол е пронајден во примероците во Скопје, и тоа 1,42 грам сол на 100 грама леб. И во Србија е слична состојбата, каде што во белиот леб се пронајдени 1,40 грам сол. Спротивно на тоа, во Кина овие вредности биле најниски – само 0,65 грама сол на 100 грама леб.
– Претходното истражување од страна на Институтот за јавно здравје на Војводина покажува дека населението на Нови Сад внесува повеќе од 12 грама сол дневно, што е за два и пол пати повеќе од максималната препорачана дневна доза за здравите луѓе – нагласува Милка Поповиќ од Институтот за јавно здравје во Војводина.
Експертите од Македонија и од регионот велат дека треба да се воспостават целни вредности за содржината на сол во сите категории на храна, особено во лебот, кој е основен прехранбен производ, што најмногу придонесува за целокупната или прекумерната доза на сол, додавајќи дека околу една четвртина од производите што биле вклучени во истражувањето немале на пакувањето објаснување колку сол содржи производот.
Од Организацијата на потрошувачи на Македонија велат дека етикетите на производи не треба да го доведуваат потрошувачот во заблуда, туку да му обезбедат јасни и целосни информации за да знае што точно купува и врз основа на тоа да направи правилен избор во согласност со своите потреби и барања.
– Процентуалната застапеност на шеќерот, мастите и солта мора да е наведена, без исклучок. Ако, пак, производот е од увоз, тогаш, покрај постојната, мора да има и декларација на македонски јазик, барем за основните состојки – напоменуваат од ОПМ.
Поповиќ смета дека одговорноста за прекумерна доза сол не може да се префрли само на потрошувачите туку дел од одговорноста мора да преземат и производителите на храна и владата што ги пропишува стандардите за производство и контрола на нивната примена.
– Производителите на леб продолжуваат да користат непотребно големи количества сол во лебот, иако нивните технолошки способности овозможуваат значително намалување. Сепак, ние од институтите за јавно здравје можеме да направиме повеќе за да му помогнеме на населението да се намали внесувањето сол и со тоа да се намалат крвниот притисок и ризикот од мозочен и срцев удар, кои се главни причини за смртност на населението – објасни Поповиќ.
Светската здравствена организација препорачува максимум 5 грама сол на ден за здрави луѓе. Во Македонија просечно се консумираат 11,5 грама сол на ден, над двапати повеќе од препораките на Светската здравствена организација (СЗО). Додека, пак, граѓаните на Србија на ден во просек јадат околу 210 грама леб, што значи дека само овој вид храна носи повеќе од половина од максималната препорачана дневна доза сол за здрави луѓе.
Иако од технолошки причини е неопходна состојка во оваа храна, нејзиното намалување би било лесен начин да се намали внесувањето сол на ниво на население. Истражувањата покажуваат дека содржината сол во лебот може да се намали за 25 отсто во релативно краток временски период, при што потрошувачите нема да забележат промени, но ќе имаат значителни здравствени придобивки.