Од саемот во Нови сад: Интервју со Камал Ахуџа – директор на ИМТ КАМАЛ АХУЏА: ДУРИ 25 ИМТ ТРАКТОРИ НАРАЧАНИ УШТЕ ПРВИОТ ДЕН НА ЗЕМЈОДЕЛСКИОТ САЕМ ИМТ ЗА СРБИЈА, РЕГИОНОТ И ПОШИРОКО
Како и што беше најавувано, на 85 Меѓународен саем во Нови Сад, изложени се девет прототипови на идните ИМТ трактори, кои ќе се произведуваат во Србија. За динамиката на инвестиции и производство, соработниците, новите модели на трактори, како и плановите за извоз, повеќе дознаваме од Камал Ахуџа, директор на IMT.
ИМТ после стечајот, има можност да се врати „во игра“
Соработката помеѓу „ТАФЕ“ и „ИМТ“ има традиција подолга од половина век. Низ кратка ретроспектива, директорот Камал Ахуџа, потсетува на најважните детали:
„ИМТ од Маси Фергусон ја купи лиценцата во 1955 година, а ТАФЕ во 1960 година. ИМТ го започна производството за територијата на Југославија, додека ТАФЕ за Индија. Во еден момент работевме слични модели ТАФЕ 42 и ИМТ 539. После неколку години, започнавме да соработуваме. Од почетокот на 60 тите до 1992 година, од заедничката работа, заработивме околу 250 милиони долари. Кога ИМТ произведуваше околу 40 000, ТАФЕ имаше производство од 20 000 трактори. И тогаш дојдоа војни, санкции, ембарго, да не се потсетуваме. Потврда за тоа дека, тракторите на ИМТ, одговорија на потребите на пазарот, е фактот што и ден-денес на територијата на поранешната СФРЈ има 360 000 трактори кои се во функција. Тој трактор е буквално неуништлив“, потенцира Ахуџа.
И додека ИМТ замина во стечај, ТАФЕ го продолжи развојот…
„ТАФЕ годишно произведува 180 000 трактори. Од тој број 120 000 се под брендот Маси Фергусон. Го купивме и Баварскиот бренд Ајхер и од тие трактори произведуваме 60 000 годишно. ТАФЕ со 15,2 % е најголем акционер во Корпорацијата АССО, која е член на клубот Фортуна, кој го сочинуваат 500 фирми. Во своја сопственост ги има тракторите ФЕНД, Валтра, Челинџер и Маси Фергусон. Тоа е фирма со годишен промет околу 12 милијарди долари. Се ова е важно, од причина што, во иднина ќе дојдат нови еколошки стандарди, така што Валтрините мотори, можеби ќе се користат во ИМТ тракторите. Ние не влеговме на пазарот, за да правиме трактори само за територијата на Србија. Тоа ќе биде во првиот круг. Во вториот круг, ќе бидат земјите на поранешна Југославија, додека во третиот и подалеку – Бугарија, Унгарија, Романија, а можен е и извоз во Азија. Со пропаѓањето на ИМТ, го наследивме и пазарот во Мароко, Тунис и Алжир“, објаснува Камал Ахуџа.
ИМТ прототиповите им привлекуваат внимание на посетителите на Саемот.
Сеуште со сигурност не се знае дали тракторите ќе се произведуваат во Јарковец
На прашањето: што точно купиле во Србија и дали е реално фабриката да биде во Јарковец во Банат, Ахуџа вели: „Го купивме брендот, интелектуалната сопственост и пет хектари во Јарковец. ИМТ таму произведуваше приколки. Сеуште не сме сигурни, дали сакаме да произведуваме трактори на таа локација. Вистинскиот предизвик е квалификуваната работна сила. Дали се подготвени да се возат до Јарковец секој ден, или пак, ќе бидеме принудени, фабриката да ја направиме некаде поблиску до Белград“, додава Ахуџа.
Во врска со точната проценка за бројот на вработени на почетокот, Ахуџа вели дека е тешко да одговори на тоа прашање.
„Принципот на производство е силно променет. Ние во Индија, со помалку од 800 работници, во нашата најсовремена фабрика, произведуваме околу 50 000 трактори. Конзервативно планирано, очекуваме во Србија, во следните пет години да достигнеме производство од 5000 трактори годишно. Денес, производството исклучително зависи од подизведувачите – соработниците. Така што, кога се зборува за вработени луѓе, мора да се земат предвид индиректно и директно вработените“, додава Ахуџа.
Предизвик – да се оживее мрежата на кооперанти
Ахуџа, напоменува дека, познато е дека многу од кооперантите кои работеа за ИМТ, повеќе не постојат. Предизвик е, вели тој да се оживее мрежата на подизведувачи, како што е и предизвик фактот дека во првата година ќе се произведуваат можеби 1000 трактори, втората 1500 до 2000 и така натаму. Тоа е долгорочна работа. „Пред една година почнавме да развиваме сопствена кабина. Тоа го направија инжинерите кои беа вработени во ИМТ. Направивме кабина за тракторите ИМТ 539, 549, 577. Таа мала фирма работи само за нас и имаат вработени 23 работници“, информира Ахуџа.
Што уште може малиот бизнис да обезбеди за новите ИМТ трактори?
„Треба да се биде реален. Нема да може да обезбеди мотор. Реално е да се обезбедат гуми, тркала, акумулатори, седишта, волани, филтери, фарови, ретровизори и така натаму. Само со ова што го набројав, приближно сме на 50%, Три работи се важни за кооперантите: квалитетот, цената и капацитетот“, вели Ахуџа, кој објаснува и зошто е важно да се достигне 50%.
„Морам да ја објаснам разликата помеѓу „Made in Europe“ и „Мade in Serbia“. За да ги исполниме условите и да немаме царина во Европската унија, нас ни е доволно да имаме „европски производ“, тука се вбројува дури и Турција. На, се она што купуваме од Турција, се гледа како да сме го купиле од Италија или Германија. А, Турција е многу развиена во тој сегмент. Нашата цел, е да влеземе на пазарот во Русија, со која Србија има многу добри односи и договори. Доволно е производот да има 50% компоненти од Србија и на пазарот во Русија да може да влезе без царина.
Новости на тракторот и 25 нарачки од Саемот
Споредба помеѓу ИМТ 539 кој се произведувал до почетокот на 90 те и тракторот кој сега е на Земјоделскиот саем во Нови Сад
„Однадвор изгледа целосно идентично. Најголема промена на тој модел, кој на нашиот пазар ќе се појави во почетокот на 2019 година, е моторот. Ќе го произведуваме со ЕУР 3 А мотор. Тоа е стандард за трактори под 50 коњски сили. Другата разлика е во хидрауличната пумпа. Стариот модел имаше проток од 14 литри, а новиот модел има 16 литри. Моќта на подигнување, на стариот модел беше 1100 килограми, а новиот модел ќе има од 1400 до 1700 килограми. Има и неколку мали измени“, објаснува директорот.
Наскоро трактори кои ги исполнуваат стандардите на ЕУ – Фаза III A
Постојат многу различни марки на трактори кои моментално се достапни на пазарот. Каде го гледате вашето место помеѓу конкуренцијата?
„Ние произведуваме трактори со помала сила, кои се наменети за помалите бизниси. Не се натпреваруваме со Џон Дир, кој има многу електроника. Нашите конкуренти се од Индија, Кина и Турција. ИМТ има развиено добар имиџ, а и ТАФЕ има добра репутација. Уште првиот ден на саемот имавме нарачка од 25 ИМТ трактори, доколку тие се со квалитет на ТАФЕ. Така што, сега веќе имаме наредба“, открива Ахуџа.
Ана Брнабиќ, премиерката на Србија во посета на саемот
„Ана Брнабиќ ни помогна во целата приказна. И сега ќе и ги покажеме овие девет прототипови кои има можност да ги види и пошироката јавност, а кои би можеле да се произведуваат овде, во Србија. Очекуваме поддршка од Владата на Србија, најмногу затоа што станува збор за домашно производство“, вели Камал Ахуџа, директор на ИМТ, во интервјуто дадено за време на саемот во Нови Сад.