Јавен оглас за „Набавка на систем за наводнување капка по капка, конструкција на бунари, и други зафати на површинска вода
Од денес до 21- ви август земјоделците ќе може да аплицираат за добивање на финансиска поддршка од Програмата за рурален развој преку Мерката 121.4 „Набавка на систем за наводнување капка по капка, конструкција на бунари, и други зафати на површинска вода.
“ Со оваа Мерка, на располагање се 20 милиони денари, а со овие средства земјоделските стопанства ќе може да набават систем за наводнување капка по капка, да направат конструкција на бунари и други зафати на површинска вода.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски, истакна:
„За овие Мерки ќе може да аплицираат сите земјоделци кои се евидентирани во единствениот регистар на земјоделски стопанства. Барањата за добивање на финансиските средства се поднесуваат електронски на e-baranje.ipardpa.gov.mk. Максималната сума која може да ја земе секое поединечно земјоделско стопанство изнесува 1.800.000 денари за земјоделците кои ќе аплицираат за систем за наводнување, додека за инвестиции во бунари максималната сума е 364 илјади денари. Сите заинтересирани ќе може со овие средства да набават:
– подземни системи за наводнување капка по капка,
– набавка на опрема и приклучна опрема за системот за наводнување ( филтри, фертиригатори, пумпи, цевки и спојни елементи);
– Набавка на опрема и приклучна механизација за поставување и собирање на системот капка по капка;
– Опрема за електрична инсталација за снабдување со електрична енергија, вклучително и опрема за енергетска ефикасност и опрема за производство на одржливи енергии
– Агрегати или генератори и придружна инсталациона опрема;
– Компјутерска опрема за функционирање, управување и контрола на системот за наводнување и софтвер;
– Услуги од трети лица за надзор и изведување на градежни и електрификациски работи вклучително и инсталирање на опремата и софтвер;
– Услуги од трети лица за изработка на студии, елаборати, планска и техничка документација
Финансиската поддршка се исплаќа по принцип на кофинансирање, на завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот, а во висина на 50 до 70 отсто од вредноста на одобрените прифатливи трошоци за инвестиции. Бабовски, вели дека изборот на финансирање на инвестициите ќе се прави по принцип на рангирање.
„Избирањето ќе биде по принцип на рангирање, а ако одредени апликанти имаат ист број на бодови ќе се земе предвид прв дојден прв услужен. Еден барател може да поднесе само едно барање за една мерка, или најмногу 2 барања по различни мерки, земајќи ги предвид и останатите мерки од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2018 година. “- вели Бабовски.
Според правилата на Програмата , апликантите освен барањето кое треба да биде своерачно потпишано, заедно со податоците за локација на инвестицијата, ќе треба да прикачат и понуда, профактура за предложената инвестиција и деловен план изготвен согласно предвидениот образец „деловен план“
Барателите не смеат да започнат со реализација на инвестицијата пред потпишување на Договор за ко-финансирање со Агенцијата.
Барањата кои не се поднесени електронски на e-baranje.ipardpa.gov.mk, нема да се разгледуваат.