„Водата е живот“ беше мотото под кое јавното претпријатие „Стрежево“ од Битола го одбележа 40 годишниот јубилеј од основањето на хидросистемот „Стрежево“.Во присуство на голем број на гости, блиски соработници како и поранешни и сегашни вработени во претпријатието, директорот на ЈП ,,Стрежево” Менде Граматковски рече дека ова е јубилеј достоен за почит како и тоа дека ќе се реализираат плановите за понатамошен развој на ЈП ,,Стрежево”. „Стрежево“ е претпријатие под државна капа во кое во моментов работат 230 работници, такашто управувувањето е двостепено со управен и надзорен одбор.
Граматковски најави дека во хидросистемот имаа околу 75 милиони кубни метри вода, доволно количество на вода за сите водокорисници.
-Со домаќинско и рационално трошење оваа година успешно ја завршивме сезоната. Во јуни имавме 105 милиони кубни метри вода, а сега 75 милиони кубни метри вода. Сите водокорисници навреме беа услужени и за идната година се подготвуваме, па корисниците не треба да имаат грижа, ќе има вода за сите водокорисници. Во овој момент вода се испорачува за РЕК- Битола, ЈП „Водовод“ и индустријата, рече Граматковски.
ЈП „Стрежево“ по повод јубилејот отвори Центар за динамичка регулација и видео надзор на објектите на претпријатието.
Со овој надзор претпријатието ќе има 24 часовен мониторинг и контрола врз сите објекти и зафати кои се во нивна надлежност, започнувајќи од зградата, стопанскиот двор, рибникот, зафатите, дури и до најоддалечените точки кај грчка граница. Центарот е сместен во просториите на претпријатието.
-Отворивме центар за видео надзор, односно го осовременивме постоечкиот компјутерски центар, и од најдалечната точка, односно 40 километри од браната до грчка граница, ќе имаме можност преку видео надзор да ја пратиме целата техника и технологија што значи и последниот зафат од хидро системот ќе ни биде обезбеден со видео надзор, рече директорот Граматковски.
Тој во придружба на пратеникот Александар Кирацовски и директорот на ФОД Методија Тасевски ја посетија и браната крај село Црнеец. Кирацовски изјави дека Стрежево е еден од најзначајни објекти во земјава, бидејќи хидро системот со пивка вода ја снабдува Битола, граѓаните, битолската околија, со технолошка вода најголемот енергетски комбинат РЕК- Битола заедно со останатите околни фабрики.
-Со една реченица-ЈП „Стрежево“ обезбедува живот за Битола и нејзината околина.Она што е многу битно е што ЈП „Стрежево“ е еден од поттикнувачите и на туризмот во Битола, затоа што сите ние сме претпознатливи како битолчани по Нижеполе, по летниот и зимски центар и нормално по двата ски-лифта. Ова е едно од најбитните претпријатија во оваа околина, еден од најголемите капитални објекти кои што истовремено имаат влијание и врз туризмот и врз енергетиката и врз земјоделието, и нормално врз човековото живеење. Вакви капитални објекти и се потребни на Битола, и се потребни на цела Македонија и ние како парламентарно мнозинство, како Влада на Република Македонија, правиме се да обезбедиме значајни предуслови вакви капитални објекти да се иницираат, да се градат и нормално да се одржуваат, рече пратеникот Кирацовски.
Свечена академија на ЈП „Стрежево“ по повод 40 години од формирањето на хидросистемот
Во рамки на јубилејот во фоајето на Народниот театар од Битола беше поставена изложба на фотографии, а во салата во Народниот театар се одржа свечена академија со што ЈП „Стрежево“ ја заокружи прославата по повод 40 години од формирањето на хидросистемот. Директорот Граматковски, во своето обраќање пред присутните, ја потенцираше важноста на „Стрежево“ за Битола и регионот.
– Со изградбата на хидросистемот „ Стрежево“ не само што се надмина перманентниот недостиг за вода во Битола, туку е обезбедена неограничена суровина за проширување на производствените капацитети на ЈП „Водовод“ и можност за непрекинато снабдување со контролирана, хигиенски исправна вода за пиење на Битола и околните места, како и соседните општини Новаци и Могила. Со тоа се создадени услови за елиминирање на порано често присутните заразни заболувања, предизвикани од недостигот на вода. Исклучителното значење на изградбата на хидросистемот „Стрежево“ е во доменот на поставените задачи, а треба да се има предвид неговата функционална поврзаност со најголемите производители во РМ, и тоа производителот на храна ЗК „Пелагонија“ и производителот на електрична енергија РЕК-Битола, рече Граматковски.
Хидроцентралите за производство на електрична енергија од хидросистемот „Стрежево“ се од особено значење како и заштитата од големи поплави.
-Идеите за искористување на обновливите извори за производство на електрична енергија од хидросистемот „Стрежево“ датираат уште од почетокот на изградбата на хидросистемот. Не многу подоцна, искористувањето на хидропотенцијалот за производство на електрична енергија се реализира со изградбата на 5 хидроцентрали од кои произведената електрична енергија се продава на слободниот пазар. Не помалу важен ефект од изградбата на хидросистемот „Стрежево“ е елиминирањето на опасноста од поплавување низводно од браната што не беше реткост во периодот пред нејзината изградба, рече Граматковски дополнувајќи дека во периодот пред нас, од планираните активности приоритетни ќе бидат плановите во насока на зголемување на експлоатационата сигурност на објектите и системот во целина, поадекватно задоволување на потребите на водокорисниците и порационално искористување на расположливите потенцијали на хидросистемот.
Министерот Николовски- Ххидросистемот „Стрежево“е еден од најрепрезентативните капитални објекти во Македонија
Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски на свечената академија по повод 40 годишниот јубилеј на свечената академија зборуваше за значењето на хидросистемот.
-За хидросистемот „Стрежево“ може да се каже дека е еден од најрепрезентативните капитални објекти од ваков вид во Македонија. Доказ за тоа е што тој преку 40 години не само што овозможува рационално искористување на водниот потенцијал и непрекинато водоснабдување, туку служи и за превентивна заштита од поплави, за производство на електрична енергија. Овој хидросистем 40 години е во одлична кондиција, рече Николовски, додавајќи дека Владата и ресорното министерство, како и досега сериозно ќе инвестира во водостопанската дејност.
-Оваа Влада ја препозна вредноста на инвестициите во водостопанството во овој сектор.Со цел зголемување на плодните наводнувани површини оваа година во програмата за водостопанство во рамки на буџетот на министерството имаме испланирано 428 милиони денари за капитални проекти во водостопанството, а минатата година имавме 130 милиони денари за оваа намена. Како Влада ќе продолжиме да инвестираме не само во новите капацитети во водостопанството, туку во одржување и унапредување на веќе постоечките. Само на овој начин можеме да создадеме квалитена и одржлива мрежа и да овозможиме развој и напредок на секој регион во Македонија, рече Николовски.
ЈП „Стрежево“ им додели благодарници на вработените со најдолг стаж, и тоа на Бранко Башиќ, дипломиран градежен инженер и за Цане Грашковски, возач и ракувач со градежна механизација. Благодарница беше доделена и за РЕК Битола, за долгогодишната соработка, за ЈП „Водовод“, за ЗК „Пелагонија“ и за Општина Битола. Постхумно беа доделени две благодарници и тоа за творецот на хидросистемот Томе Делов, како и за првиот директор на „Стрежево“, Методија Сапунџиоски.
Анета Блажевска