Негата на децата, неплатената работа во домаќинствата и семејните фирми се причините поради кои руралните жени не се активни на пазарот на трудот. Националната федерација на фармери бара државата да го препознае нивниот неплатен труд за да може да го остварат правото на пензија и на породилно отсуство.
Руралните жени секојдневно трошат по четири часа на работни активности за кои не се платени. Над шеесет проценти од нив се неевидентирани на пазарот на трудот, а без стаж, тие не можат да го остварат своето право на пензија. Највисоки стапки на невработеност во руралните средини има кај жените на возраст од 20 до 30 години – констатира Националната федерација на фармери.
Претседателката на оваа Федерација, Васка Мојсовска бара Владата да донесе економски мерки со кои ќе го препознае неплатениот труд на жените за грижа на семејството и земјоделска работа.
Дополнително таа апелира да се редефинираат условите за аплицирање за една од мерките во Програмата за рурален развој 2018-2021, бидејќи како што реагира, истата е родово дискриминаторска:
„Во мерката 115 во четиригодишната Програма за рурален развој 2018 -2021 се поставени дискриминаторни услови за поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство, односно се бара жената да е во брак, да има родено едно дете, да е невработено лице, домаќинка и да живее во населено место од 200 жители на надморска височина од 700 метри. Бараме оваа мерка да постои и да се редифинираат условите за апликација , која ќе ги опфати регистрираните земјоделки“.
„Руралните жени не познаваат машка или женска работа. Тие не ја делат работата. Сите рурални жени возат трактор и не се експонираат со тоа, но многу мал дел од руралните мажи ги извршуваат работните обврски. Жената ги извршува и тие работи и вози трактор, така што оваа тема е дискутабилна“, додаде Мојсовска.
Пред околу еден месец, министерот за земјоделство, Љупчо Николовски најави мерки за кои се предвидени 180.000 денари неповратни средства за жените што ќе имаат дополнителна дејност во руралните средини. Десет проценти од БДП во земјава отпаѓаат на земјоделството, но во нив жените се застапени само со една третина.
извор:ммс.мк