fbpx
ВестиТоп вести

Препродавачите ги вивнаа цените на овошјето и на зеленчукот

На зелените пазари низ земјава има сѐ поскапи производи, а сѐ помалку купувачи, додека некои од пазарите се речиси и празни. Килограм компир чини од 50 до 70 денари, исто колку и краставиците, додека доматите достигнуваат цена и до 160 денари. Марулата, пак, е околу 30 денари, а килограм кромид и по 70 денари. Упатените велат дека целата вина за овие збунувачки високи продажни цени паѓа на откупувачите, кои, со откупот на вишокот производи и со насочувањето на производството кон бараните сорти и европски стандарди, се претворија во организиран монопол, кој систематски ги тероризира земјоделците со ниски откупни цени и на сите начини спречува доаѓање на конкурентски откупувачи, за потоа откупените производи да ги продава по високи цени, објавува Нова Македонија.

– Соочувањето со сѐ повисоки цени на земјоделските производи е процес што незапирливо трае. Тој е предизвикан од намалување на откупните цени на големо. Проблемот е и во сѐ поголемата бирократија и административен апарат, кој неколкукратно се зголеми за последните триесетина години, а за чие одржување се потребни финансиски средства што се прибираат од такси, лиценци, дозволи, потврди, акцизи… Сето тоа го оптоварува производот додека патува кон крајната цел, консументот – објаснува Љупче Станковски, претседател на здружението на земјоделци „Агрофаланга“.

Додека од една страна има незадоволни и финансиски немоќни консументи, од другата страна, како што вели тој, се разочараните земјоделци, кои со вакви ниски откупни цени можат да пропаднат.

Според земјоделците, состојбата со земјоделските производи се должи и на намалените засадени површини, на увозот на некои земјоделски култури, како и на заминувањето на младите од државата, што се одразува на квантитетот на производството.

За да стигнат од нивата до крајниот потрошувач, градинарските производи се препродаваат и по неколкупати. Познатата пиперка за ајвар во Струмичко се откупува од 15 до 25 денари за килограм, во зависност од квалитетот, но на пазарите на мало еден килограм од истата пиперка чини и по неколкупати повеќе. Земјоделците велат дека цените на сите земјоделски производи растат во синџирот на препродажбата, а профитот го собираат препродавачите, и тоа на штета и на производителите и на крајните потрошувачи.

Извор: Нова Македонија

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close