Позната е под повеќе имиња: благва; булка, но сепак најчесто име кое се споменува кај нас за неа е јајчарка. Таа спаѓа во родот Аманита во кој род припаѓаат и многу вкусни но и печурки кои секогаш во литературата се категоризираат како смртоносно отровни. Наjчесто расте во топли и суви места т.е. во светли листопадни шуми во летниот и есенскиот период од годината. Особено е присутна во близина на дабот и питомиот костен. Вирее во средна и јужна Европа ,но во многу региони и држaви е ретка и заштитена со закон. За разлика од нив кај нас посебно во некои региони е особено честа.
Во почетокот на растење целата печурка е сместена во јајце со еластична бела обвивка, кое потоа печурката го кине и од него излегува плодовото тело. Шапката нараснува со дијаметар од 5-15цм, и е со жолто портокалова до жолтоцрвена боја. Шапката е мазна на која понекогаш се наоѓа парче од белата обвивка на неа. Ливчињата и дршката се со жолта боја.
Оваа печурка е јадлива и е со извонреден квалитет. Може да се припрема на многу начини, но можи да се користи и сирова. Најповеќе до изгледот може да му се приближи отровната оголена мувоморка (Amanita Мuscaria var. aureola) која што е многу ретка, и за разлика од јајчарката обично вирее во зимзелени шуми. Исто така кај неа ливчињата и дршката се со бела боја за разлика од јајчарката каде што се жолти. Кога добро ќе се запознае печурката јајчарка скоро е невозможна замената со отровни и нејадливи видови. Секој што сака да зачекори во светот на габите треба задолжително да ја знае и познава оваа печурка.
Подготвил: Игор Петровски