Костенот на Шара некогаш главна егзистенција за мештаните сега на работ на исчезнување
Костенот на Шарпланинскиот масив од година во година сè повеќе го нема. Ракот на кората на костенот и кражбата се најчестите причини за намалување на површините засадени со костен.
Јасмин Рамадани од тетовска Шипковца, вели дека неговото како и останатите села од Шара егзистирале од костенот, затоа што тоа било единственото нешто кое го имало во изобилство на ова подрачје. Но сега народот остана и без овој плод, што можеби е една од причините луѓето да се отселуваат од овој крај. Раскажува како на неговиот имот сред бел ден се сечел костен од дрво крадци.
-Го гледам сече костен во мојот имот, а не е свесен колку тој костен е благородно дрво. Му велам аман не сечи ќе ти дадам дрва од дома. Овие костени се многу важни за да се развие руралниот туризам и целта е да се алармираат институциите да преземат сериозни чекори. Да го има костенот на овие простори како порано ние ќе егзистираме на овие простори, затоа што тој има добра цена. Килограм костен се продава од 100 до 150 денари. Може да се егзиситира од одгледување костен. Нашиот костен тука на Шара е покрупен и квалитетен, повеќе издржува, лушпата се одвојува лесно од плодот, рече Јасмин Рамадани производител на костен од тетовска Шипковица.
Класичен пример дека може да се живее од костенот е Сенат Али чија фирма Балкан Слит Фактори веќе трета година по ред произведува слатко од костен. Како што вели рецептот им е од Бурса република Турција и засега одлично им оди бизнисот.
-Произведуваме слатко од костени достапни сме секаде, а идејата ни беше од пред 6 години. Ова е турски рецепт и произведуваме 3 години. Народот го прифаќа како убав производ и сега сме задоволни од оваа дејност. Костенот е органска храна здрава има витамини и здраво е да се консумира. Костените ги земаме и од нашиот регион и од други места. Шарпланинскиот костен е еден од поубавите костени. Јас како прво би потенцирал дека државата треба да го чува костенот и добро е да се дава за него субвенции, за да можеме да садиме костен, рече Сенат Али од Балкан Слит Фактори.
Со цел промоција и алармирање за болеста рак на костенот, во тетовско Беловиште се одржа деветтата по ред Шарпланинска костенијада. Сашо Матевски од здружението Бела Виста кои ја организираат оваа манифестација, вели дека секоја година бара помош од властите за преземање на сериозни чекори за заштита на костеновото дрво, но досега не наишле на позитивен одговор
-Се повеќе и повеќе костенот се наоѓа во лоша состојба односно има рак на кората. Ние можеме да го заштитиме костенот со креирање на нови мерки за негово враќање во природата. Ние имаме мапирање на шумите низ цела Македонија каде има костен. Крајна цел е да се санира проблемот,односно тој костен кој е заболен да се отстрани и на негово место да се засадат нови површини со костен и не само да се засади костен на местата каде што бил, туку и на други места каде што може да биде, рече Сашо Матевски од Бела Виста
Костенот е едно од најдобрите дрвја за заштита од ерозивните процеси, поради неговите големи корени.
-Широките стебла и неговите корени, многу помагаат во спречување на свлечишта на земја, тоа науката го докажала, не ние. Освен ракот на кората на костенот, причина за намалување на костеновите стебла на Шар Планина е и неговата сеча за огрев и мебел од страна на дрво крадци. Да не беше неплански исечена костеновата шума, немаше да се случи она лизгање на земјиштето во Шипковица пред неколку години, кога имаше загинато и неколку лица. Костенот сигурно би ги спречил ерозивните процеси кои беа предизвикани од поројните дождови. Исто така да не заборавиме дека во костеновите шуми живеат голем број на цицачи и разновидни птици што значи дека ова благородно дрво е буквално дом и на животинскиот свет на овој предел, истакнаа од здружението Бела Виста.
Поради ракот на костеновото стебло, костенот во македонското законодавство е прогласено за редок вид дрво во шума.
Зоран Димовски