Стевка Дуковска: земјоделец од акција и визија за претприемач
На село има работа за секој што сака да работи и ако добро го изменаџира својот труд,може и да заработи. Доказ за ова е Стевка Дуковска од Ношпал успешна жена земјоделец
Додека државата се соочува со големо иселување на младите барајќи подобар живот, радува фактот што сепак има земјоделци кои што сакаат да останат и да бидат свои на своето. Не само да останат туку и да напредуваат и да ја градат својата иднина на овие простори.Според статистиките уште е мал процентот на жени носители на земјоделско стопанство, но малку по малку работите почнуваат да се менуваат.Жената не е само нем набљудувач и послушен работник, туку фактор, кој знае што прави и знае што сака да постигне.Кога ќе се спојат младоста, амбицијата и ентузијазмот тогаш резултатите се загарантирани.
Стевка Дуковска е жена земјоделец која одамна ги надминала стереотипите за руралната жена. Свесна за своите можности и визијата што сè може да направи во местото каде што живее, во Ношпал, ги прифаќа сите предизвици. Тогаш кога беше незамисливо жена на свое име да има имот, Стевка ги сруши сите табуа. Сопственоста над земјата што ја обработува и овозможи да биде меѓу првите жени,носители на земјоделско стопанство. Веќе 10 години е регистриран земјоделец и успешно се справува со сите позитивни и негативни моменти во работата. Токму заради ова, не е случајно, што е дел од проектот на Зелена берза „Од рурална жена до успешен претприемач без стереотипи и дискриминација “. Ја посетивме во нејзиниот дом и разговаравме за нејзината работа и идните планови.
Соодветна механизација за модернизирање на земјоделското производство
Стевка е млада жена на 35 години која никогаш не се плашела од работа. На село се знае има многу работа. Не ја делат на машка и женска туку на работа што треба да се заврши. Оттука возењето трактор за неа е секојдневие и е само дел од нејзините вештини. Семејството Дуковски и тоа како треба да биде добро организирано за да може да ги заврши сите активности квалитетно и навремено. За сето тоа да биде правилно направено не е потребна само работна сила, туку и знаење, волја и секако, соодветна земјоделска механизација. Стевка за сега успева сето она што и е на располагање да го искористи.
Трактор, плугови, тањирача се само дел од машините со кои располага семејството и со кои обработуваат вкупно 10 ха земјоделска површина, а на нив како и останатите земјоделци во овој регион одгледуваат : тутун, пипер, пченка и житни култури.
Стевка е свесна дека современата механизација е неопходна за модерно земјоделство. Онаа што ја поседува е веќе амортизирана и потребно е да се замнува со нова. Во зависност од опремата, ќе зависи и тоа кои култури на колкава површина ќе бидат застапени. Токму затоа редовно ги следи јавните повици од ИПАРД 2 Програмата, програмата за рурален развој итн.
-Во пресрет на подготовката на леи за расад за пиперот и тутунот, имаме потреба од фреза. Со неа може убаво да се иситни земјата и да се направи леата како што треба. Најважно е земјата да биде добро иситнета. Сега сето тоа го работиме рачно и е потребно многу време. Со фрезата значително ќе се забрза и ќе се олесни работата. Онаа работа што ќе ја работиме рачно два дена со фрезата ќе може да се сработи за два часа. Ние правиме 40 леи на 1,5 декари површина,тоа не е малку, рече Стевка. Се надевам дека ќе може да ја набавам преку ИПАРД-от. Потребен ми е и трактор со корпа со кој би ги извршувале потешките работи. Цвеклото кое порано го имавме насадено на околу 2 ха го напуштивме токму заради тоа што е тешко, а неговата манипулација од нивата до дома и до откупниот центар со еден ваков трактор ќе ни се олесни и ќе овозможи цвеклото повторно да го вратиме на нивите, посочува Стевка. Чистењето пак на каналите и средувањето на нерамнините на земјоделските површини би ни било дополнителен бенефит , додава таа.
Консултациите неопходни за модернизирање на стопанството
Стевка Дуковска како млад земјоделец одамна одлучила да се занимава со земјоделско производство и сака да биде успешна и да оди само напред. Свесна е дека само добро информиран и едуциран земјоделец може да бележи позитивни резултати. Се интересира за новините и се труди информациите што и се од корист да ги учи навреме. Рече дека најчесто информациите ги дознава по социјалните мрежи, но кога ќе одлучи да аплицира на некој повик, тогаш консултациите со стручните лица од АПРЗ се добредојдени. Зелена берза како здружение што се грижи за своите членки се обиде да и помогне на Стевка околу изборот на соодветна машина со која ќе си го модернизира производството.
Легализацијата на објектите проблем за проширување во подоходовен бизнис
Работа има подеднакво и на нива и дома. Стевка успешно се справува со сите обврски. Освен што е одлична во земјоделието таа е подеднакво добра и во својот дом. Откако ќе завршат со бербата на сите култури што ги засадиле од нивата активностите продолжуваат дома. Таму Стевка е домаќинка што не остава ништо на случајноста и производите што ги има од градината во својот дом, гледа правилно да ги искористи. Преминува на подготовка на зимница. Полни рафтови со ајвар, слатко, сок , туршија, лутенка и уште многу други производи за кои намирниците ги собира од домашната градина. Претприемничкиот дух го има и би сакала да ги продава своите производи, но смета дека за тоа уште нема услови.
– Во дворот имам вишни и неколку корени праски од кои правам слатко и сок. Од вишна правам 70 литри сок за растворање а од праски 300 литри. Правам ајвар по 30-40 тегли исто толку и цвекло, потоа пиперки печени лупени во тегли и пастеризирани, туршија, зелка итн. Ги имам во големи количини, но луѓето повеќе сакаат да им подариш , а не да им продадеш. За сега е тешко изводливо бидејќи треба да имаш посебен објект, а да го градиш наново не ќе може да го легализираш, посочува Дуковска. Ова не значи дека ако се променат условите дека нема да започнам со нешто такво.
Кој сака да работи има со што да се занимава
Животот во Ношпал не е како некогаш. Условите се подобрени, има струја вода, а што е најважно има и постојан превоз до градот. Кој сака да работи има со што да се занимава и ако правилно се испланира, има време за сè, објаснува Стевка. Покрај неа во земјоделските активности вклучени се сите членови од семејството, сопругот, свекорот, свекрвата и синот кога не е на училиште.
Вели дека не би одела да работи во некоја компанија. Во земјоделието навистина не е лесно, ама таа го работи со љубов. Самата знае и одлучува кога да работи, а кога да одмора. Одењето в град или на други места, зимски и летен одмор не е нешто непознато за неа.
И покрај целата тежина што ја има земјоделското производство, работната навика ја научила како да се справува со тоа.
– Девет месеци во годината не ни се толку активни колку што имаме работа во трите месеци со тутунот. Тие сто дена ни се малку потешки оти има многу работа, а после тоа може да се најде слободно време. Бев на зимски одмор во странство, а редовно користиме и летен, да бев вработена во некоја фирма се сомневам дека ќе го можев тоа. Денес на пример ако сакам можам да не одам на нива, не е исто како со обврските кога би работела на друго место, рече Стевка.
Вредна и амбициозна жена која ја краси уште една доблест, а тоа е скромноста и она што го знае да го споделува со другите.
На нашата љубопитност одговори со рецепт за сок за растворање од вишни. Читателите на Зелена берза ќе може да го прочитаат во рубриката „Незаменливиот вкус на традицијата“.Како и да е, на село има работа за секој што сака да работи и ако добро го изменаџира својот труд,може и да заработи. Доказ за ова е Стевка Дуковска од Ношпал
Павлина Јовановска
Содржините на оваа веб-страница се одговорност на сопственикот и уредникот и не ги одразуваат ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија