fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Неизвесно пролетното засејување на оризот

Каква ќе биде новата сезона за наводнување ќе се знае во април, пред да се пушти вода во хидросистемот Брегалница.

На земјоделците им преостана малку надеж дека сеидбата  за новата реколта на оризот успешно ќе ја реализираат. Минималните врнежи не можат да ја наполнат браната Калиманци, а преостанува  малку време, скептични се оризопроизводителите од Чешиново-Облешево. За нив повеќе од јасно е дека  ги очекува тешка година.

-Од година, во година, се потешко е да се произведе ориз, сушата  ќе ги пресуши нашите полиња. За браната имаме сознание дека има околу  30 милиони м3 вода, а за да се посеат површините треба да има барем 80 милиони м3- се пожалија оризопроизводители. Поради ова како што велат добро ќе биде ако сеидбата  ја реализираат  во една третина од планираните околу  4.000  хектари под ориз во Кочанско. Се плашат дека нивите ќе обраснат со трева, а оризот ќе остане  непосеан.

-Суша е голема, оризот  годинава  нема да се посее. Ние производителите од  Облешево-Чешиново сме последна станица за наводнување, се пожали Драган Петров од кочанското село Бурилчево кој произведува ориз на околу 1 хектар земјоделска површина.

-Не бива, тешко нема вода. Кога нема вода ние сме први што ќе не одбијат. А тука ништо не успева  друго освен ориз. Пред три години садевме пченка и таа не успеа, се пожали и земјоделецот Делчо Панов.

Стравувањата на земјоделците од источниот регион се поклопуваат  со  сегашните, но и долгорочни  прогнози  на експертите  за последиците  од  долготрајниот сушен период без пообилни врнежи од дожд и снег.  Велат  каква ќе биде новата сезона  за наводнување ќе се знае во април пред да се пушти вода во хидросистемот „Брегалница“. Лани врнежите во последен момент позитивно изненадија. Ако нема вода тоа водостопанските подружници ќе треба да донесат вонредни планови за наводнување, имајќи ја во предвид сегашната состојба, велат познавачите на приликите за кои извесно е дека ќе има и рестрикции.

-Состојбата со акумулираната вода во браната Калиманци  која што е на околу третина од капацитетот е без изгледи да постигне барем 80% од  вкупниот капацитет за да имаме условно речено, нормална сезона за наводнување. Тоа укажува дека долгогодишните насади кои бараат повеќе вода  и оризот кој како житна култура по течението на река Брегалница,  исто така троши огромни количества на вода, сериозно ќе бидат доведени во прашање за успешно завршување  на производната година-предупредува универзитетскиот професор и советник за наука, магистер Васко Златковски.

Критична е состојба со нивото на подземните води

Климатските промени ќе бидат поевидентни-предупредуваат хидрогеолозите и алармираат за  критична  состојба со нивото на подземните води. Водата мистериозно исчезнува од бунарите кои се на кота од само 30 отсто од просекот на еден метар длабочина, а  во Овче Поле  поради долготрајната суша се појавија процепи со  длабочина од околу  два метра-тврди  рударскиот инженер  Трајче Митев. Тој повеќе од 20 години  врши истражувања на литологијата  на терените   во овој регион  или  експлоатацијата на подземните води  под површината на земјата, а сега го истражува и проблемот  кој се заканува  да ги пресуши  постојните бунари на крајниот исток.

Според него сите води по сливот на Брегалница од Делчево до Штипско  се на најниско ниво, а ако не се промени хидролошката состојба  бунарите ќе пресушат. Бидејќи  Калиманци  нема  доволно вода прави статичко ниво  на бунарите од Делчевско, Каменица, Кочанско и Штипско, односно прави  да паѓа и да ја снемува водата што ја  покажува поврзаноста и корелацијата меѓу бунарите и хидросистемот „Брегалница“.

-Ова значи дека се создава климатска нестабилност во отсуство на дождови и  снегови  што значи ако уште една година  немаме дожд и снег Делчево и браната Калиманци ќе се прогласат за  сушен крај и ќе бидат како Овче Поле-дециден е  Митев.

Сушата  е најголема закана за плодородните ниви во Овчеполието

За Овче Поле состојбата со водоснабдувањето е неповолна.

-Овче Поле без вода ќе биде токму  тоа што го кажува и неговото име. Ништо  друго. Овче Поле од јуни месец, натаму, ќе биде со исушена трева, без вегетација, а тоа е нешто за кое треба да размислуваме веќе денес  за по 10 години  да не ни се случи нешто поголемо и пострашно. Сите симулации  на третото Комунике за климатските промени и ефектите  врз  животната средина укажуваат на тоа  дека  нашите површини можат да преживеат вистинско опустошување  поради недоволни количества на вода и неповолен распоред на врнежите во текот на годината, истакнува Златковски.

Според познавачите  тоа  е циклус на години  кога климатските промени  некогаш ќе донесат суша некогаш поплави  поради што како што вели Златковски,  ќе мора  да се менуваат многу работи во пристапот на земјоделството како  професија и наука  која треба да го даде  својот придонес  за приспособување на земјоделците кон  новите услови.

-Ако  кај долгогодишните насади имаме услов  како да го намалиме ефектот на сушата преку промена на системи за наводнување кои не трошат многу вода,  капка по капка систем и примената на заштитни мрежи, тоа не е случај и кај оризот кој  ги бара своите биолошки потреби освен како не воведеме сорти кои ги има во Далечниот Исток-сорти кои се произведуваат без толкаво присуство на вода како елемент  во производниот циклус.

Јулија Малинова

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close