fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

 Лакталис  МК млекарница ги поттикнува  фармерите да инвестираат во своето производство

Инвестиции во осовременување на сопственото производство преку изградба на објекти со модерно организиран систем за производство на млеко се неопходни за квалитетно млеко. Млекара Лакталис ги поттикнува фармерите да инвестираат и им помага да го осовременат своето производство и да ја зголемат просечната млечност на кравите.

Од година во година се намалува бројот на фармерите, а со тоа и бројот на млечни грла како и количината на произведено млекото. Млекарницата  Лакталис која со своето работење се здоби со високо реноме ги поттикнува средните и големи фармери да инвестираат во своето производство.

-Најголем дел од нашите фармери го достигнаа максимумот во производството на млеко во постоечките објекти. Во нив е многу тешко да го постигнат бараниот квалитет на млеко. Првиот чекор во зголемување на производството и подобрување  на квалитетот  на млекото е изградба на современи фарми, со слободен начин на чување на млечните крави и современ систем за молзење. Овие инвестиции се големи и токму затоа нашата млекара ги помага фармерите  кои сакаат да инвестираат во нов објект и посовремена опрема, вели Jуксел  Сулејмани  раководител на откуп на млеко     во Лакталис МК Млекарница ДООЕЛ Битола .

 

Лакталис МК млекарница е  подготвена  да ги кредитира и  да им помогне на фармерите во набавката на  висококвалитетни јуници од странство со што би ги зголемиле просечните количини млеко, а на подолг временски период  тоа би се постигнало  и со осеменување на постоечките крави со семе од врвни бикови.

-За жал бројот на фармери кои сакаат да го модернизираат производството на млеко уште не е  голем, а за да се запазат стандардите што ЕУ ги наметнува мора да се инвестира во нови објекти и опрема.  Во овој момент интересот за модернизирање на своите фарми и изградба на нови е поголем во прилепскиот дел  на Пелагонија. Во просек најдобрите фарми во Македонија се наоѓаат токму во Пелагонија и уште долго овој регион ќе биде најголем производител на млеко, вели за Зелена берза Сулејмани. Државата треба да им излезе во пресрет на фармерите , со полесен пристап на кредити и грантови, доделување на земјоделско земјиште под концесија за да може фармерите да произведуваат сточна храна која е еден од најважните фактори за развој на сточарството, посочува Сулејмани. 

Корона кризата го спречи Драги Нечовски од с. Лера  да го започне градењето на модерна фарма

Драги Нечовски од с.Лера е еден од најдобрите фармери во битолскиот регион. Со начинот на производство и квалитет  на млекото е веќе на европско ниво. Своите планови за градба на нова  фарма ќе ги реализира со помош на Лакталис МК со која соработува години наназад.

-Сакам да подигнам нов модерен објект за фарма. За тоа имам поддршка од Лакталис. За жал, заради корона кризата планираните активности ќе се оддолжат најмалку за 6 месеци. Сакам да изградам современа фарма бидејќи само на тој начин ќе можам да го задржам мојот син да не замине и да продолжи да го работи она што  го работеле и прадедо ми, дедо ми , татко ми и јас. Планирам фармата да ја градам со сопствени средства со  капацитет од 50 молзни крави со модерна опрема и најсовремен систем за молзење, вели Драги.

Задоволен е од досегашната соработка  со Лакталис. Цената е добра и редовно  секој 15 или 16 во месецот парите се легнати на сметка. Цената на млекото зависи од квалитетот на млекото. Драги се потсетува на неговите почетоци како било некогаш и како стигнал довде. Тоа е бизнис од кој егзистира целото негово семејство и во кој многу вложиле и труд и пари.

-Моите започнаа со 7-8 крави и со дневно производство  од 33л млеко. Почетоците беа многу тешки, почнавме од ништо, но продолживме да работиме и да го прошируваме стадото и  стигнавме дотука.  Сега фармата брои 58 грла од кои 25 се молзни крави од кои дневно собирам од 500-550 л млеко. Опремена е со ХАСАП систем што придонесе да имаме екстра квалитетно млеко  со помалку од 10 000 соматски клетки. Храната сами ја произведуваме. За таа цел обработуваме 85 ха земја. Работиме јас, синот и еден стално вработен, а кога има многу работа земам дополнително други работници, објаснува Нечовски. Почнав со еден трактор, а сега имам три и цела приклучна механизација што ми е потребна, додава тој.

Вели дека на овие простори има можности за развој на фармерството, но дека државата треба повеќе да води сметка за оние што егзистираат од оваа дејност, што сакаат да работат и да ја развиваат. За таа цел вели дека треба да се применуваат странските искуства. Нечовски бил на многу обуки и предавања за да биде поуспешен. Многу патувал и она што го видел во странство сака да го примени и кај него за што се надева дека со Лакаталис тоа ќе го постигне.

-Планирам да направам модерна и стабилна фарма во која ќе добивам по 1 500 – 2000 л млеко дневно. Од тоа корист ќе имам  и јас и Лакталис , а и државата. До сега сум аплицирал на повеќе програми но секогаш сум бил одбиван. Сè што имам сум набавил со сопствени средства. Сметам дека државата  треба повеќе да нè помага и да не нè  става во ист кош со оние фармери на кои ова им е дополнителна дејност, затоа што нас ако не ни се плати млекото нема од што да живееме, додека овие другите ако не им се плати имаат други  приходи од кои ќе може да живеат. Добро е да се земат искуствата од Словенија, Шведска, Холандија, вели Нечовски, да не дозволиме да си заминат децата и  да ни се испразнат селата, апелира тој.

Павлина Јовановска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close