fbpx
ВестиМакедонијаСоветиТоп вести

Заштита на есенски култури од болести, штетници и плевели

Во текот на есенскиот период во градинарското производство кај нас е актуелно производството на зелка, карфиол, брокула, како и спанаќ и рукола на отворено и во затворен простор. Како најзначаен проблем во производството на овие култури претставуваат причинителите на болести, штетните инсекти и плевели. За сузбивање на широколисни плевели во овие култури го препорачуваме хербицидот LONTREL 100 (clopyralid). Тоа е селективен хербицид, кој се апсорбира преку листовите, а е ефикасен за сузбивање на голем број на едногодишни и повеќегодишни широколисни плевели и тоа: паламида, слачец, амброзиа, лобода, полски вртипоп, камилица, смрдливка, овчарска торбичка, татула, див домат, чичка, самоникнат сончоглед, галинсога, крстенец, полски млечен осот, чичак, киселец, граор,  и други. Во зелка, карфиол и брокула се применува после расадување од фенофаза 2 до 9 оформени листа, во спанаќ и рукола после 2 формирани листа, во маслодајна репа стадиум од 2 до 9 листа, во кромид, лук и праз во фенофаза од 2 до 4 листа, цвекло во фаза на 2 формирани листа до 30 % покриена површина со листови во доза од 1 L/ha. Исто така се применува и во стрнишни жита и пченка. За сузбивање на широколисни плевели во зелка го препорачуваме и хeрбицидот LENTAGRAN (pyridat). Тоа е контактен хербицид кој се применува 2 до 3 недели после расадување на зелката, во доза од 2 kg/ha. Може да се примени и во сплит апликација (двократно), и тоа кога плевелите се во фаза на 1 до 2 листа во доза 1 kg/ha, и втора апликација после 10-14 дена од првата во доза од 1 kg/ha. LENTAGRAN се применува и во кромид, лук и праз после расадување, односно после никнење кога овие култури се произведуваат со директна сеидба, притоа плевелите најдобро е да се во стадиум од 2 до 4 листа. Исто така може да се примени и двократно, притоа плевелите треба да се во порана фаза од развојот, од котиледони до 2 вистински листа. Ефикасен е за сузбивање на обичен штир, лобода, див домат, абутилон, лепавец, полски вртипоп, троделен двозабец, мртва коприва, полско камено семе, овчарска торбичка, обична чадливка, татула, а на есен во фаза на 3 вистински листови ги контролира и влакнесто просо, крваво прстесто просо и мувари.

За сузбивање на причинителот на пламеница кај зелката, брокулата и карфиолот, како и за сузбивање на причинителот на пламеница на рукола (Bremia lactucae) го препорачуваме фунгцидот VALIS PLUS (valifenalate + bakar hidroxid + bakar oksihlorid) во доза од 2,5 kg/ha. За сузбивање на причинителот на црна дамкавост, сиво и бело гниење го препорачуваме фунгицидот SIGNUM 33 WG (pyraclostrbin + boscalid) во доза од 1 kg/ha.

Од штетните инсекти во производството на зелка, брокула и карфиол од најголемо значење се инсектите од редот на пеперутки, а тоа се големиот и малиот зелкар, зелковиот молец и зелкова совица. За сузбивање на овие штетници во зелката, карфиолот и брокулата препорачуваме примена на еден од инсектицидите: SPINTOR 240 SC (spinosad) во доза од 0,5 L/ha, CORAGEN 20 SC (chloranthraniliprol) во доза од 0,2 L/ha или ALVERDE (metaflumizone)  во доза од 1 L/ha. За сузбивање на лисните вошки и белокрилката го препорачуваме инсектицидот CLOSER 120 SC во доза 0,4 L/ha.

Подготвил: м-р Васко Манев

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close