За една година отворени 68 месарници и 8 продавници за сирење
За една година Агенцијата за храна регистрирала вкупно 140 малопродажни објекти што треба да продаваат храна. Од нив, дури 68 се месарници. Педесет и едно од барањата биле за месарници со посебен дел во кој ќе се дообработува месо. Идните бизнисмени лани поднеле барање за 9 рибарници, 4 специјализирани продавници за продажба на јајца и само 9 специјализирани продавници за продажба на млеко и млечни производи. Лани биле изработени и вкупно 57 решенија за одобрување објекти во кои треба да се произведува храна. Деветнаесет од нив се објекти во кои ќе се произведува сувомесна храна, 13 се ладилници, 4 кланици и пет објекти за сортирање и пакување јајца. За 34 предмети постапката на одобрување е во тек.
Едни затвораат – други отвораат
За сметка на новоотворените објекти, затворање имало само кај 18 оператори со храна. Сите тие за една година ја изгубиле лиценцата за работа. Дел од нив не исполниле технички услови за работа, дел пропаднале и отвориле стечајни постапки, а на дел решенијата им биле укинати од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Во Агенцијата за храна велат дека регистарот тековно се води и се ажурира од нивна страна. Едни фирми се затвораат, други се отвараат. Според Годишниот извештај за 2015 година, како резултат на кршење одредени членови на Законот за безбедноста на храната, Агенцијата утврдила сериозни недостатоци кај многу оператори со храна.
– Ако операторот со храна повеќепати го прекинал производството или одобрената активност на еден објект и не може да обезбеди гаранции за натамошно производство, почнува постапка за бришење на регистрацијата или за укинување на одобрението во согласност со одредбите од Законот за безбедноста на храната – велат во Агенцијата.
Според нив, најмногу недостатоци имало во обработката и манипулацијата со храна од животинско потекло, неисполнување на деловно-технички правилници и слично. Kај дел од нив имало и почната стечајна постапка, престанок на работа на одобрената активност и раскинување на договорот за закуп за објектот, заради преселба на операторот од објект под закуп во сопствен објект и слично. Kај дел од фирмите имало и затворање и од финансиски причини на операторот, односно не можел да продолжи со работа.
– Операторите со храна од животинско потекло мораа да се усогласат со барањата од новите критериуми и барањата на Европската Унија. Kај нив лани е извршена регистрација и истите сега работат како магацини под термички режим – велат во Агенцијата.
Од таму велат дека лани ги укинале решенијата за седум објекти и оператори со храна кај кои е констатиран прекин на одобрената активност, односно, самите оператори со храна престанале со работа.
Строги правила
Според Законот за безбедноста на храната решението за работа кај операторите со храна се укинува и ако операторот престане да ја врши одобрената дејност производство, преработка или складирање производи од животинско потекло. Решението се укинува и ако кај дел од објектите веќе бил констатиран привремен прекин на работа максимум до една година, а операторите со храна по истекот на тој рок се уште не ги исполниле потребните услови за да продолжат да ја вршат дејноста.
– Во споредба со 2014 година кога објектите кои останале без лиценци се исклучиво на нивно барање, годинава има и одземање на лиценци поради неисполнети услови за работа. Во 2013 година пак главна причина за бришење од регистарот биле неисполнување на хигиенските барања што ги налага системот за безбедност на храна, како и сериозни недостатоци во самото производство. Тогаш голем дел од нив имале и повеќекратно прекинување на производството по кое операторот со храна не може да обезбеди гаранции дека повторното рестартирање на процесот ќе биде безбедно – стои во извештајот на Агенцијата.