Неделните откупни цени ги почитуваат сите
Неделните откупни цени на земјоделските производи, кои пред повеќе од два месеци стапија во сила со измените на Законот за земјоделство и рурален развој, ги почитуваат сите. И Инспекторатот за земјоделство, и земјоделците и откупувачите потврдуваат дека секој понеделник се истакнуваат неделните откупни цени на откупните пунктови и тие важат до следниот понеделник.
Според Јана Ѕалева од Инспекторатот за земјоделство, неделните откупни цени се истакнуваат и се почитуваат од откупувачите.
„Инспектори на Инспекторатот за земјоделство редовно вршат контроли и од воведувањето на ова законско решение немаме регистрирано непридржување кон цените”, вели Ѕалева.
Земјоделците потврдуваат дека неделните откупни цени, кои тие ги бараа токму поради манипулациите со цените што ги правеа откупувачите, се почитуваат и откупот се врши според нив.
„Во овој период од сезоната се откупуваат неколку градинарски култури, како што се пиперките од сортата „куртовска капија“, фефероните и до пред некој ден корнишоните. Новите неделни цени беа истакнати завчера. „Куртовската капија“ се откупува од 20 до 25 денари за килограм, што е прифатливо за нас. Јас сакам да продолжи овој тренд и кога повторно ќе има зголемена понуда и од другите култури, како што ќе биде со доматите од вториот производствен турнус. Ако и тогаш откупувачите се придржуваат кон неделните откупни цени тогаш нашата најголема мака откупот, е на добар пат да биде решена”, ни рече Бончо Божиков, земјоделец од село Дабиле.
Од Сојуз на синдикати на земјоделски производители сметаат дека неделните откупни цени се само едно од решенијата кои ставаат ред во откупот и дека вистинскиот тест за тоа колку ќе се применуваат ќе биде за петнаесетина денови, кога треба да стаса втората реколта од доматите, засадена на местото на пролетната зелка.
„Сега, на откупувачите им е лесно, бидејќи најголем дел од културите кои се откупуваат се наменети за преработувачите и нема многу голема понуда од производителите. Нема некој значителен извоз и се друго што се откупува во минимални количини е наменето за домашниот пазар. Кога ќе стаса доматот од втората реколта, која, според наши сознанија, е засадена на поголеми површини од лани поради зголемената побарувачка за него и високите цени по кои се продаваше во овој меѓу период, ќе видиме како ќе реагираат откупувачите”, вели Ристо Велков, претседател на Сојуз на синдикати на земјоделски производители од Струмица.
За дел од откупувачите и трговците предложеното решение се базира на непазарни и неекономски принципи и во случајот оваа законска мерка повеќе им одговара на производителите.
„Ние треба да бидеме пророци за да знаеме дали цената што ќе важи една недела ќе биде исплатлива за нас или не. Откупните цени ги диктираат понудата и побарувачката и ништо друго. Колку е поголема побарувачката, толку цената е повисока и обратно. Ние имаме неделни откупни цени со големите откупувачи, како што се на пример големите маркети во странство, но малкумина знаат дека ние тогаш се коцкаме самите со себе, бидејќи немаме гаранции дека договорената цена нема да биде пониска од таа што во моментот ќе важи на пазарот кај нас”, вели откупувачот Благој Витанов.
Откупувачот Ацо Стоилков потврдува дека на неговите откупни пунктови секој понеделник се истакнуваат откупните цени.
„Неделните откупни цени се голем бенефит за земјоделците. Се што е понуда во овој период се откупува според истакнатите цени и засега нема никакви проблеми”, вели Стоилков.
Инаку, во струмичкиот регион годишно се произведуваат над 250 милиони килограми најразлични раноградинарски производи и скоро секоја сезона проблемите со откупот повеќе или помалку се главна тема и камен на сопнување меѓу земјоделците, откупувачите и власта.