Заштитата на сопственото производство води кон апсурди
Непринципиелни примери во нашата трговска соработка со соседите има многу, вели за „Слободен печат“, Биљана Пеева Журиќ, в.д. извршен директор на Стопанската комора на Македонија.
Последниот случај со стопираниот извоз на македонско брашно на Косово е само уште еден школски пример за отфрлање на некои наши стоки. На таа листа, пред десеттина години, се најде и забраната за извоз на јагнешко месо, под прилично сомнителни околности (нечиток печат).
Во таа група спаѓа и барањето за двојни лабораториски тестови при извоз на македонски фармацевтски производи кои создаваше придружни трошоци. Имаше и преригорозни проверки за статусот на потекло на македонските стоки, а во тој кош влегува и непризнавањето на сертификатите за квалитет, што беше причина на некои македонски производи да им се забрани влез во дел од пазарите во регионот. Според експертите, со последниот случај, повторно се прекршени правилата за трговија, кои ги налага Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА), но, засега нема најава за санкции за официјална Приштина.
Непринципиелни примери во нашата трговска соработка со соседите има многу, вели за „Слободен печат“, Биљана Пеева Журиќ, в.д. извршен директор на Стопанската комора на Македонија. Секоја земја има право на сопствена заштита на своето производство, но нетарифните бариери се чести во регионалната трговија, а освен овој последниот случај со извозот на брашно на Косово, сме имале слични проблеми и со Србија и БиХ. И без разлика дали тоа се однесувало на меѓусебно непризнаени сертификати за квалитет или анализи, се се тоа некаков вид на нетарифни бариери.
Затоа е потребно да се вклучат повисоките инстанци и на најбрз начин да се овозможи слободен проток на стоките во регионот – додава Пеева Ѓуриќ.
Според експертите, Македонија не може да направи нешто подрастично за да ги заштити извозните стоки, бидејќи со влезот во Светската трговска организација, маневарскиот простор е прилично стеснет. Дополнително „рацете ни се врзани“ и со спогодбите за слободна трговија. Но, и покрај тоа
што ефектите од протекционизмот можат да се вратат како бумеранг, земјите со кои што традиционално имаме добри трговски врски, наголемо се служат со неинституционални бариери.
– Што се однесува до нашата држава, ние досега не сме се служеле со неинституционални мерки, освен кога воведовме бандероли за увозното брашно, што беше протолкувано како еден вид ограничување во трговијата. Секое попречување на слободниот проток на стоки, значи отстапување од матрицата на постигнатите стандарди во пазарната економија – децидна е Пеева Ѓуриќ.https://www.slobodenpecat.mk/zashtitata-na-sopstvenoto-proizvodstvo-vodi-kon-apsurdi/