Компензацијата на електрична енергија во рудниците во РЕК „Битола“
За овој проект направени се пресметки, симулации и анализи, како и претпоставени заштеди и придобивки. Резултатите се добиени врз основа на моменталната состојба на електроенергетската мрежа во рудниците „Суводол“ и „Брод-Гнеотино“, со потрошувачи кои тогаш биле во функција и за важечката цена на електрична енергија. Дополнителен интерес за овој проект има затоа што со негова примена ќе се подобри факторот на моќност. Според направените анализи за среднонапонската мрежа и предвидената сопствена потрошувачка во рудниците, со подобрување на факторот на моќност, за двата рудници, би се добила вкупна заштеда од околу 22 GWh на годишно ниво.
Покрај придобивките од подобрување на факторот на моќност и намалување на сопствената потрошувачка на електрична енергија, со примена на компензацијата на електрична енергија, се намалува ефективната вредност на струјата во елементите на мрежата, а со тоа, пак, би се постигнало намалување на: загубите на напонот, загубите на активната моќност, загубите на реактивна моќност и привидното оптоварување на генераторите, трансформаторите и водовите. Со спроведувањето во пракса би се создале услови да не дојде до преоптоварување на генераторите, трансформаторите и водовите и би се обезбедила резерва за дополнително зголемување на активното оптоварување.
Замена на електромоторни погони и нивно управување со фреквентни регулатори за димни вентилатори и напојни пумпи во ТЕЦ „Битола“
Втор значаен проект, поврзан со имплементација на енергетската ефикасност во РЕК Битола, со кој се добиваат најголеми заштеди на електрична енергија, дури и до 60%, е замената на електромоторните погони – работниот механизам – вентилаторот и неговото работно коло. Фреквентниот регулатор учествува со 25% во вкупната заштеда на електрична енергија, а со употреба на високоефикасен електромотор може да се постигне 15% заштеда на електрична енергија. Освен заштедата на електрична енергија, уште поважен е ефектот што ќе придонесе за заштита на околината, што, пак, треба да се дефинира преку проект кој е во реализација. Тие резултати, како и подигањето на моќноста на блоковите, мора да се појдовна основа за модернизација на погонот на димните вентилатори. Исто така, потребно е да се земе предвид дека нормално време на експлоатација на електромоторен погон е 20 години, што е речиси двојно во однос на експлоатацијата на погоните во РЕК „Битола“, за што секако голем придонес има одржувањето. Во таа смисла најголема заштеда на електрична енергија може да се постигне со соодветен дизајн и избор на работниот механизам вентилатор и придружното работно коло. Заштедата од овој проект би била околу 2 GWh на годишно ниво.