АХВ ќе врши попис на свињите како превенција од болеста Африканска чума

(Oвој напис е објавен на: November 2, 2018)

Агенцијата за храна и ветеринарство донесе решение за спроведување попис и идентификација на приемчиви животни на болеста Африканска чума кај свињите, со што ги прошири превентивните мерки за спречување на појава и ширење на оваа болест.

„Согласно со решението, пописот ќе го спроведат ветеринарните друштва кои со Агенцијата имаат потпишано договор за реализација на активности од јавен интерес, почнувајќи од 8 ноември, и истиот ќе заврши на 31 декември годинава. Во рамки на оваа активност, попишани и идентификувани ќе бидат сите свињи кои се одгледуваат во земјава, во комерцијалните фарми, но пред сè во селските домаќинства, дури и оние кои одгледуваат по една свиња, а ќе се изврши и регистрирање на новите одгледувалишта“, велат од АХВ.

Регистрацијата на одгледувалиштата и идентификувањето на свињите со ушни маркички ќе биде на трошок на Агенцијата и обезбедени од Програмата за здравствена заштита на животните за 2018 година.

„Агенцијата за храна и ветеринарство ги повикува сите одгледувачи на свињи да го пријават одгледувалиштето/фармата и животните кои ги одгледуваат во најблиското ветеринарно друштво. Напоменуваме дека при евентуална појава на болеста Африканска свинска чума и кај нас, само регистрираното одгледувалиште и идентификуваните/обележани свињи се единствен правен основ одгледувачите да добијат отштета за убиените животни“, велат од Агенцијата.

Со пописот, ќе биде извршено ажурирање на податоците за одгледувалиштата и бројот на свињи кои се евидентирани во Ветеринарно-информативниот систем на Агенцијата за храна и ветеринарство.


 

makfax.com.mk

Share Button