fbpx
Вести

„Ајварката“ и другите домашни сорти треба да бидат одобрени во Бугарија, Романија или Хрватска

Управата за семе и саден материјал ги известува сите фирми што сакаат да ги запишат сортите во национална сортна листа или Европскиот заеднички каталог на сорти да ги испитаат сортите во поглед на различноста, еднообразноста и стабилноста. Ова практично значи да го добијат ДУС-сертификатот во овластена институција од страна на УПОВ и СПВО – меѓународни организации, во која било држава на ЕУ.

ajvarkata i drugite domashni sorti treba da bidat odobreni vo bugarija romanija ili hrvatska

 

Нивното известување доаѓа откако се рашири веста дека македонските земјоделци од следната година нема да можат да ги садат познатите домати „јабучари“, пиперките „куртовската капија“, попозната како „ајварка“, или домашните сорти пченица поради новите прописи на ЕУ со кои се забранува производство и увоз на одредени сорти земјоделски производи. Имено, ЕK донела правилник според кој е утврдено како треба да изгледа плодот од одредена култура. Секој плод треба да одговара на ДУС-сертификатот, според кој има над 25 морфолошки карактеристики за секој вид. Според Управата, кај нив лани има пријавено само производство на семе од пиперки од сортата „куртовска капија“ на површина од 1,2 хектар. Од другите култури е произведен сертифициран семенски материјал од житни култури, и тоа 5.117.300 кг пченица, 1.709.805 кг јачмен и 57.7000 кг тритикале. Добивањето на сертификатот е единствен начин сортите да се произведуваат и извезуваат во ЕУ.

Семиња од увоз

Директорот на Управата, Менсур Kамбери, вели дека Македонија произведува семе што задоволува околу 25 отсто од вкупната побарувачка на македонскиот пазар, а остатокот се обезбедува со увоз на семенски материјал. За производство на градинарските култури семето речиси 99 отсто се обезбедува од увоз од европските земји и други држави.

– Испитувањето за ДУС-сертификатот трае две години и чини 200-300 евра. Се прави во некои соседни држави како Бугарија, Романија, Хрватска – вели Kамбери. Според него, во согласност со Законот за семенскиот и садниот материјал, за земјоделски растенија е дозволено производство на автохтони сорти од земјоделски растенија кои се запишани во национална сортна листа. Овие сорти ги произведува локалното население со генерации на мали површини поради нивниот помал принос и неиздржливоста на транспорт, тенка и нежна кора на плодовите и се продаваат на локалните пазари во нашата држава и немаат економска оправданост за нивно производство на големи површини.

– Автохтоните сорти се сорти што даваат мал и нестабилен принос на единица површина. Тие се запишуваат во национална сортна листа врз основа на извршени испитувања или локално познати податоци за автохтона сорта. Поради ова, за овие сорти не се врши испитување на морфолошките карактеристики бидејќи тие се нестабилни и неуедначени по форма и облик на растението и плодот и се приспособуваат на почвено-климатските услови во одредени региони – вели Kамбери.

Ограничено производство

Според него, во Европската Унија се донесени директиви со кои се регулира трговијата и производството на традиционални сорти од земјоделски и градинарски растенија. Тоа се однесува како на одгледување во посебни климатски, педолошки или агротехнички услови, рачна обработка, сеидба, берба, така и пласирање на пазарот.

– Овие сорти ги произведуваат фармерите на мали површини во посебни услови во регионот на потекло на сортата и се тргуваат само во нивниот регион, па поради ова нивното производство е ограничено на одредена површина и територија.

Во нашето законодавство од областа на семепроизводство не се транспонирани овие директиви бидејќи се однесува на производството и трговијата на традиционални сорти на територија на земјите-членки во Европската Унија – вели Kамбери.

Субвенционирано производство

Македонија го субвенционира производството на сертифициран семенски материјал во износ од 15.000 денари за хектар и 60.000 денари за хектар додека тие што користат сертифицирано семе од житни култури добиваат субвенции во износ од 12.000 денари за хектар – велат во ресорот. Субвенциите за производство на расад од градинарски растенија изнесува 5 денари од продадено младо растение, но услов е да има 500.000 млади растенија годишно произведени.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close