fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Ако имате штеден влог до 30 000 евра и ви пропадне банката, можно е подолго да чекате за обесштетување

Најновата одлука на Уставен суд

Уставниот суд на денешната седница го укина членот од Законот за банки според кој Фондот за осигурување депозити е прв што ги наплаќа побарувањата кога една банка ќе пропадне. Фондот за осигурување депозити, пак, е создаден за да се гарантира исплатата на штедните влогови до 30 000 евра. Со одлуката на Уставниот суд, таа гаранција останува, но Фондот е ставен во далеку понеповолна позиција за брзо да ги исплати сите „мали“ штедачи

Уставниот суд го укина членот 163 од Законот за банки, кој го оспори адвокат по барање на здружението на оштетени штедачи од Еуростандард банка. Одлуката е објавена на веб-страницата на Уставниот суд, по одржување на денешната седницата, само еден месец откако Судот одлучи да поведе иницијатива за оценување на уставноста.

Со оваа одлука ќе треба да престане примената на овој член од Законот, односно побарувањата на Фондот за осигурување на депозити по основ на исплати на осигурени депозити, нема да се исплаќаат пред побарувањата на другите доверители.

Според подносителите на иницијативата, сите штедачи треба да бидат третирани еднакво и тие со штеден влог до 30 000 евра и тие што имале над 30 000 евра, но и фирмите, кои во домашните закони не се заштитени со минимална сума при пропаѓање банка. Што и да е напишано во иницијативата, одлуката на Уставниот суд не значи дека се брише границата меѓу малите штедачи до 30 000 евра и оние оние што имаат влог над таа сума. Единствената правна последица е дека Фондот, кој ги обесштетува малите штедачи, сега потешко ќе доаѓа до парите од пропадната банка што, пак, теоретски може да влијае на брзината на исплатата на гарантираната сума.

Контроверзна одлука

Одлуката за поведување постапка, откако изрази сомнеж за уставноста на законот, Судот ја донесе на 21 април, но не едногласно. „За“ гласаа пет уставни судии, а четворицата судии кои беа против имаа издвоено мислење. Една од клучните тези во тоа извдоено мислење е што во февруари Уставниот суд ја разгледуваше речиси истата иницијатива, но од друг подносител и тогаш судот одлучи да не поведе постапка.

Не се познати причините поради кои дојде до „смената на соодносот на силите“ од 5:4 против во февруари на 5:4 во април и мај. Добро информирани извори велат дека причината е во тоа што еден уставен судија, инаку поранешен универзитетски професор, во меѓувреме го сменил мислењето, па преминал од едниот во другиот „табор“.https://360stepeni.mk/ako-imate-shteden-vlog-do-30-000-evra-i-vi-propadne-bankata-mozhno-e-podolgo-da-chekate-za-obeshtetuvane-poradi-deneshnata-odluka-na-ustaven/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close