fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Амед Мустафа-Секој ден минувам 4 км за да го напојам стадото овци

Сточарите под Плачковица редовно плаќаат пашарина, а вода немаат за стоката.

Источен Регион-Плачковицa– Секој ден минува пат од 4 километри да го  однесе  стадото овци на Козјачка Река, да го напои. Амед Мустафа  45- годишниот сточар од селото Радање чие стадо брои 600 овци, вели дека  овчарството  тешко може да опстои во вакви услови и дека за  две до три години, овци  ќе има само во зоолошка градина. Овој  вреден  сточар изградил  големо  бачило на ридот над селото или како што милува да каже модерна фарма, но разочаран e од негрижата  на државата за овчарството.

-21 век, а  да нема вода?!  Како и кој под вакви услови  ќе се нафати да чува овци? Никој. Никој досега не прашал како сточарите се мачат  да ги одржат стадата, вели Мустафа,  додавајќи дека е  најтешко  да се изоди тој пат, наместо  да оди стадото  на паша. Кога  не ги носи овците на реката за да ги напои,  полни мали цистерни  вода  кои ги пренесува со трактор на ридот над селото до неговата фарма.

Тој секоја година  плаќа пашарина, а никој не дошол  да го праша дали има вода и каде го напојуваат добитокот.

-Ова  е катастрофа. Стоката не сака ниту свадба  ниту празник, нон –стоп треба да бидеш со неа, па врнело, грмело, снег или  дожд, цели 24 часа. Како што оди работата за две три години само во зоолошки градини нашите деца ќе гледаат овци, се жали овој сточар.

Според Мустафа, кризата во овчарството се продлабочува, зашто со добивката не се покриваат  трошоците. Разочаран е од  ниската откупна цена  на јагнешкото, а  како што кажа  за „Зелена берза“  трговците им ги земале  јагнињата за без пари, за 100 денари по килограм жива мера.  Сега  за јагнешкото нуделе  и  по  160 денари, па и самиот се  прашува што е причината  за ова? –  Дали корона  кризата   која  што  го стопира откупот  на јагнешкото  во  шпицот на извозот  или пак  трговците прават матни зделки?, вели тој.

-Нема ќар, а данок плативме. Млекото го даваме по 40 денари, рече Мустафа.

Сточарот  повикува државата што  поскоро да интервенира со мерки  за спас на оваа земјоделка гранка. Тврди дека веќе е многу тешко  и дека  многу сточари не ќе можат уште долго  да го издржат овој притисок. Посочи дека  европските практики треба да се земат како  пример за модерно и  интензивно сточарење – пред се органско за кое има идеални услови под падините на Плачковица каде се наоѓа и  неговото село.

-Како е нека видат во Европа. Кога треба нешто да земат секогаш е како во Европа, а  кога треба да  дадат тогаш  не  кажуваат.  Знаеме се, гледаме на телевизија и  на интернет. На пример  кај нас јагнешкото е  по 100 денари, а во Италија  го дадоа  по 16 евра, вели Мустафа и жали што  одгледувачите на овци немаат синдикат, ниту има инцијатива за тоа.

Овчарот Мустафа  тврди дека  не му се исплатени субвенциите.  Половина од парите  за ланската година ги зел, но не  зел ниту денар  субвенции  за  оставено женско јагне,  а ниту  дополнителната финансиска поддршка за  предаденото  млеко во млекарници. Додава дека не е  само тој, туку  дека има и други сточари кои  чекаат субвенции.

-Само за овчарите да се платат е ќарот. Друго ништо за нас  не останува. За храна  да не зборувам.  Шестотини  овци  тоа се шест тони жито  и  60 тони детелина. Дваесет илјади евра  само за храна  давам. За двајца овчари по 600  евра месечно, или  годишно 14.000 евра. А што земам  тоа  е  ништо, „капа за глава“ што викаат старите, вели Мустафа, и смета дека јагнето треба да е  барем  180 денари за килограм жива мера за  да се  надоместат трошоците.

 

Јулија Малинова

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close