fbpx
ВестиМакедонијаМеханизацијаТоп вести

Без вода нема развој на земјоделие, се жалат земјоделци од с.Далбеговци

Ратко Стевановски од с.Далбеговци општина Новаци е земјоделец кој се занимава  од мал со земјоделие и  не сака да го остави. Вели колку што може ќе работи, ама без вода нема ништо.

 

Водата е еден од најважните услови за развој на земјоделството. Често немањето на вода е причина земјоделците да се се откажат од оваа дејност. Ратко Стевановски  е земјоделец од с. Далбеговци општина Новаци. Вели дека порано можело да се живее од земјоделие, но сега условите се многу променети и дека  во ова село се занимаваат со земјоделие  само најупорните. Она најважното , вода ја немаат.  Немаат ниту  систем за наводнување , а кога го запрашавме Ратко како го решаваат овој проблем, ни рече со Господ. Приносите на земјоделците од ова село,  во вистинска смисла на зборот, како што велат зависат од времето. Ако заврне ќе има, ако не,  нема приноси.

-Ние сме во рурално подрачје што нема наводнување. Проблемот го решаваме со Господ. Секогаш погледот ни е насочен  горе кон небото, ако врни се надеваме дека  ќе имаме род, ако не врни ништо. Ние сме настрана од системот Стрежево и надвор од секакви води така што не може да се донесе вода. Сме пробале ама неуспешно. И да се бушат бунари пак ништо, зборувам за моето подрачје, а соседните села имаат. Местото е такво  што тешко се иди до вода, објаснува за Зелена берза Ратко Стевановски.

Од друга страна Стевановски вели дека и почвата не е квалитетна. Земјоделските површини  се каменити и најчесто се 5 или 6 класа. Без вода нема ништо, ама и без механизација. Обработува 20 ха земјоделска површина и на неа секоја година половина  ја сее со житарици, а на другата половина сее сончоглед и сади тутун и пипер. Заради проблемот со водата  не може да се ориентира кондруги култури меѓу кои и пченката. Таа бара повеќе вода  и воопшто не ја сее.

-Цела земја каде што сум јас  е каменлива. Ретко се наоѓа земја од 3 класа и на многу мала површина  што не ми се исплаќа да ја обработувам. Имам стара механизација , која ако е стара  си брка работа , ама потребно е обновување. Оваа сезона купив трактор  John Deere, не е голем, ама ќе ни служи   за некои помали работи како на пример за култивирање, за сеење , за побрз транспорт до нива и други работи, вели Ратко.

Земјоделието му е во крвта и не може да го остави.  Вели дека порано можело да се живее од земјоделие, но сега условите многу се промениле така што морал да бара запослување на друго место. Иако и тој, сопругата и синот се вработени, земјоделието не го остава и го работи како дополнителна дејност.

Син му, му помага, но својата иднина не ја гледа во земјоделието, токму заради проблемите со кои се соочуваат, а за кои не може да се најде решение.

И покрај сè Стевановски не сака да го остави земјоделието и токму заради тоа ја обновува својата земјоделска механизација.

– Како што сум почнал така ќе терам, моментално не знам, да ја напаѓам државата не можам, да ја напаѓам природата и тоа не можи, што да напаѓам? Во иднина само здравје Боже, ќе го работиме она како што сме работеле до сега. Многупати сум се разочарал, но еве пак се враќам. Дури можам ќе работам, вели за Зелена берза Ратко Стевановски од с. Далбеговци.

Земјоделците од Далбеговци уште долго ќе гледаат во небото

Општина Новаци е една од општините во Пелагонија која мака мачи со наводнувањето на земјоделските површини. Земјоделците од с.Далбеговци е едно многуте села во овој дел на Пелагонија кои се соочуваат со овој проблем. И покрај обидите, подрачјето е такво што засега нема услови  да се направи нешто конкретно за решавање на проблемот со водата, така што земјоделците од овој крај уште долго ќе гледаат кон небото и ќе се радуваат на секоја капка дожд.

-Општина Новаци е една од 8- те Општини во државата што успеа да добие преку МЗШВ средства од грантот на  ЕУ за „Мали нискобуџетни  хидро системи за наводнување“. Со овие средства планиран мал хидро систем за наводнување кој ќе опслужува 400ха земјоделска површина меѓу селата Новаци и Добромири. Системот ќе користи вода од акумулацијата Суводол кај РЕК Битола. Сите активности кои претходат на самата изведба на хидросистемот се одвиваат без проблем. Изведбата на системот треба да започне во 2021 година, но за жал со овој хидроситем не е опфатено селото Далбеговци, вели за Зелена берза Стевче Стевановски, координатор на проектот.

Се обративме до ЈП стрежево со прашање има ли можност земјоделските површини во село Далбеговци да добијат некаков систем за наводнување?

– Со северниот крак  е предвидена експанзија на хидросистемот Стрежево. Се разбира дека постои можност за проширување на системот со цел да ги опфати земјоделските површини во атарот на село Далбеговци, одговори Менде Граматковски директор на ЈП Стрежево. Во контекст на претходното би сакал да објаснам дека водните ресурси со кои располагаме се лимитирани и ранливи на климатските промени. Влијанието врз водните ресурси зависи во голема мера не само од основните услови во водоснабдувањето туку и од можноста да се реагира не само на климатските промени, туку и на растот на населението и промените во побарувачката, технологијата и економските, општествените и законските услови.  Неопходна е долгорочна визија, соработка со интегриран пристап за експлоатација и заштита на водните ресурси, со цел последиците од недостигот на вода за пиење и наводнување да ги намалат ризиците во иднина, се вели во одговорот на директорот Граматковски.

Павлина Јовановска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close