Боров четник ги напаѓа шумите низ Македонија, но нема да се прска со инсектицид зашто е штетно за околината
Секторот за заштита на шумите во Македонија проценил дека најсериозна е состојбата во прилепско-битолскиот, кумановскиот, кочанскиот, светиниколскиот и штипскиот крај, иако има регистрирани случаи и во Велешко.
Боров четник зафати големи шумски површини во повеќе делови од земјава, но и натаму не се знае кога Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство (МЗШВ) ќе изврши третирања против инсектот. ЈП „Македонски шуми“ посочи дека авиотретирањето со инсектицид е во надлежност на Министерството за земјоделие. Секторот за заштита на шумите во Македонија проценил дека најсериозна е состојбата во прилепско-битолскиот, кумановскиот, кочанскиот, светиниколскиот и штипскиот крај, иако има регистрирани случаи и во Велешко.
„Оваа година не е планирано да се врши авиотретирање од објективни причини, а за наредната година ќе се одлучува согласно извештајот за здравствената состојба на шумите и предлог-мерките кој го изготвува Катедрата за заштита на шуми и дрво при Шумарски факултет во Скопје. Авиотретирањето се избегнува, бидејќи е докажано штетното влијание на инсектицидот врз корисните инсекти, како што се пчелите. Освен тоа, штетно влијае и на целокупниот биодиверзитет на шумите, кои се богати со шумски плодови и лековити билки, кажаа од МЗШВ.
Наспроти ова, од ЈП „Македонски шуми“ сметаат дека според животниот циклус на боровиот четник, авиотретирањето треба да се изведе наесен.
„Во почетокот на април гасениците ги напуштаат гнездата, се закопуваат под земја и излегуваат на крајот на летото. Од тие причини, најдобро е авиотретирањето да се изведе во септември-октомври, кога има најдобар ефект во уништувањето на боровиот четник“, соопштија од Секторот за заштита на шумите при ЈП „Македонски шуми“.
Од МЗШВ дополнија дека авиотретирање за уништување на боровиот четник последен пат било извршено во 2010 година на вкупна површина од 9.000 хектари и тоа на шумите во околината на Битола, Крива Паланка, Кочани, Штип, Виница, Прилеп, Свети Николе и Пехчево.https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/borov-chetnik-gi-napaga-shumite-niz-makedonija-no-nema-da-se-prska-so-insektitsid-zashto-e-shtetno-za-okolinata/