Четириесетмина тимови вршат масовна проценка на штетите од невремето
Во повеќе од 2000 домаќинства е извршен увид, а попишани се над 500 оштетени возила од поплавите во скопско.
Деновиве тимовите за проценка на штети интензивно работат на терен. Околу 60- тина екипи вршат увид и попис на штети на недвижен, движен имот, возила, сточен фонд и земјоделски површини.
Се евидентираат и штетите на земјоделските посеви. Досега поминати се 420 домаќинства кои се занимавале со земјоделство. Надлежните соопштија дека сите граѓани кои се занимавале со земјоделска дејност ќе бидат обештетени 100 проценти и дека поплавите нема да доведат до зголемување на цените на зеленчукот и овошјето.
13 комисии на Министерството за земјоделство, во скопскиот и во тетовскиот регион веќе вршат проценки за штети на земјоделските површини и кај одгледувачите на крупен и ситен добиток. Од агенцијата за храна и ветерина е доставена листа на регистрирани стопанства по која се попишува.
Засега нема појава на заразни болести во овие населени места. Помош пристигна од повеќе компании, организации, граѓани, пријателски земји и други.
Во меѓувреме теренот се расчистува за да животот се врати во нормала што побрзо.