Циронки – преспански специјалитет
Покрај јаболката жителите од Преспа горди се на уште многу други производи карактеристични за овој крај. Секој добро намерник не смее да замине од било кое населено место во Преспа без да ја проба традиционалната храна, која природата ја дала во изобилие. Циронките се домашен специјалитет. Кој еднаш пробал ќе посака пак.
Рецептот за ова традиционално јадење ни го откри Руменка Димовска од с.Арвати Преспа. Потекнува од Св. Николе, но тоа не било пречка да не научи да го приготвува овој специјалитет. Како што кажа за Зелена берза, среќната приказна со нејзиниот сопруг трае 22 години заедно со нивните два сина. За овој период успеала да ја научи традицијата на с.Арвати и да ги совлада сите тајни на преспанската кујна. На тоа ги додала своите знаења што ги добила од своето родно место во Св. Николе и како што вели се добива одличен производ.
Преспанското Езеро изобилува со белвица, а за овој специјалите се потребни оние малите. Еве како се приготвуваат циронките. Откако ќе се исчистат малите рипчиња се посолуваат со крупна сол. Се ставаат во сад да отстојат 10-15 дена за да примат рипчињата од саламурата. После ова се нижат на низа и се оставаат да се сушат природно на сонце. Може да се покријат со мрежа или некој танок материјал за да се заштитат од инсекти. Откако добро ќе се исушат се чуваат во хартиена кеса со цел подолго време да се зачува. Циронките вака како што се, нема потреба да се чуваат во фрижидер, бидејќи во случајот солта ја има улогата на конзерванс и помага производот да трај подолго.
Кога се подготвуваат за јадење, најпрво циронките се потпекуваат на плотна да поруменат. Се ставаат во земјен сад и потураат со жешка вода и се чека да омекнат. Понатаму секој според својот вкус додава масло, лукче, оцет, нане. Со овој специјалитет одлично прилега домашен топол леб и вино. Како што вели Руменка циронките се одлични за добра дружба која секогаш завршува со убава традиционална песна.
Руменка кажува дека во с.Арвати живее етнички мешано население, Македонци и Албанци и сите подеднакво ја негуваат традицијата. За да се уверите Руменка вели: дојдете, видете и останете.
Павлина Јовановска