Чуда се случуваат на светото место Дупен Камен во Ореово, крај иконата на „Св. Ѓорѓија“
Ореово е селото познато по богатството на ореови дрвја во целиот свој атар, по мразарниците, село опеано во песните, раскажано во приказните.
Чуда се случуваат на светото место Дупен Камен во битолското село Ореово крај иконата на „Св. Ѓорѓија“, каде неротки после долги години добиле челад, а болни се излекувале. Приказната за Ореово и Дупен Камен ја раскажува Билјана Чулевска Главевска (41), родум од ова село.
-На околу половина час пешачење од селото низ шумската патека се наоѓа светото место Дупен Камен, каде во длабочината на еден камен има икона од „Св. Ѓорѓија“ со света вода. Слегувањето во дупката заради безбедност се прави со врзано јаже околу половината, а се верува дека тоа свето место помага за жените неротки да добијат пород, а помогнал и на многу болни да оздрават, па верниците слегуваат во дупката да запалат свеќи за здравје.
Односно на 5ти мај ноќта пред Ѓурѓовден на ова место може да се сретнат жени кои прво три пати ја обиколуваат црквата „Св. Петка“ во селото Ореово, па потоа со запалени факли се упатуваат до месноста Дупен Камен. Тука тие се спуштаат низ тесниот отвор на карпата до иконата на „Св. Ѓорѓија“ каде палат свеќа и се молат за чедо. Интересно е што колку и да е крупен човек го собира низ отворот. Верувајте секоја година за Ѓурѓовден оние што виделе себап даваат јагне за курбан, така секој празник има по 7 до 10 фамилии што им се случило чудо, што добиле дечиња, што виделе арно, раскажува Чулевска Главевска.
Главната селска црква во Орово е посветена на „Св. Петка“, изградена е 1860 година, обновено по Првата светска војна, а со донации на иселеници ореовци повторно реконструирана во 2000 година. Изградени се три конаци, просторија за свештеникот, кујна, купатило и др.
Внатрешноста на овој храм изобилува со добар живопис, еден во подобрите во овој дел на Македонија.
Во олтарната преграда на црквата, поставени се два реда на икони кои потекнуваат од различни временски периоди.
Црквата „Св. Петка“ е тесно поврзана со светото место Дупен Камен.
Ореово селото богато со ореови дрвја, познато по мразарниците
Орехово или Ореово како што го нарекуваат жителите од Потпелистерските села е селото познато по богатството на ореови дрвја во целиот свој атар, по мразарниците, село опеано во песните, раскажано во приказните.
Билјана потекнува од фамилијата Чулевски, нејзиниот дедо Васил бил мајстор и во селото ги градел најубавите камени куќи, а нејзиниот чичко Пандо плетел кошеви за грозје и сено, па сите околни села доаѓале од Орово да купуваат кошеви. За жал сега за минатото на ова село сега сведочат само камените куќи. И она што е потажно што во селото се останати да живеат само уште 5 постојани жители. Во 1961 година Ореово броело 279 жители(максимум во 1948 година 316 жители, а во 2002 година се намали само на 23 жители.
-Населбата е мала и ја сочинуваат педесетина куќи скриени во шумата. Тие се претежно изградени од камен, на два ката, со мали прозорци и пространи балкони. Дел од нив ги градел дедо ми Васил. Многу ореовци се заминати на печалба од почетокот на ХХ век, дел се преселиле во Битола, а нив ги има и во прекуокеанските земји Австралија и Америка и во Европа. Печалбарите се враќале и правеле големи камени куќи. Во селото има доволно чиста и здрава вода за пиење, и севкупно тоа е место за уживање. Во последните неколку години селото го измена својот изглед со изградените неколку викендици, а има и доста заинтересирани да купат плацови и да изградат викенд куќи.
Патот до селото е асфалтиран во 1993 година, со средства од државата и мала помош од иселениците, раскажува Билјана за „Зелна бреза“.
Ореово се наоѓа на југозападниот дел на Битолското Поле, а на јужната страна на Битола оддалечено само 5 км од градот. До селото се искачува преку село Буково, сместено во т.н. Ореовската долина. Селото е планинско на 970 метри надморска височина. Од југ се граничи со атарот на село Бистрица и село Злокуќани, од запад со атарот на село Лавци, од исток со село Буково и на север влегува во падините на Баба Планина. Целиот атар е планински, пошумен од густа букова, ореовска и иглолисна шума, или едноставно зелен рај.
Селото е прочуено со природните мразарници за што е снимен краткометражен филм од Божидар Стојановски насловен „Чувства врежани во парче мраз”. Овој стар занает егзистираше до 1985 година.
-Населението во Ореово порано се занимавало со сточарство, одгледување на кози, овци и живина. Сечењето на дрва од буковата шума и продавањето во Битола била егзистенција за селаните. Но, она што е специфично е што ореовци живееле и од продавање на мраз. Тие во коријата произведувале мраз, со замрзнување на водата во реката, па покриен со папрат им го носеле на дуќанџиите и меанџиите во битолската чаршија, да ја ладат бозата, да го чуваат свежо месото во месарниците…Било вистински предизвик да се прави мразот, за овој занает сум слушала многу приказни, раскажува Билјана.
Она што и оставило сеќавање од минатото е и казанот за варње на ракија кој бил поставен на сред село. Бидејќи во селото имало многу сливи, селаните вареле вкусна ракија сливовица. Сега, пак, многу жители на Битола доаѓаат во атарот на Ореово да берат ореви и костени бидејќи ги има во изобилие.
За минатото на Ореово сведочи и споменикот на паднатите борци од НОБ. Во близината на селото на 3 мај 1942 година бил разбиен првиот битолски партизански одред „Пелистер“, за што сведочи споменикот и народната песна од тоа време.
Анета Блажевска
Таму ле мајко близу Битола
Таму ле мајко, близу Битола,
во ореовската густа корија,
Таки Даскалот смело загина
со неговата верна дружина,
со нив загина смела девојка,
млада Елпида Карамандова.