Иако помина една година од првите најави за воведување зелена нафта за земјоделците, тие сѐ уште не дочекале бенефиции од неа. Последните ветувања на владините претставници беа дека таа ќе може да се користи следната година, бидејќи во тек се тестирања на моделот што ќе се применува за да се избегнат злоупотреби и негативни ефекти. Според објаснувањата, во овој период се врши тестирањето, по што јавно ќе биде презентиран моделот што е веќе подготвен, а се прави финансиска конструкција во буџетот.
Сепак, ваквите најнови најави може да се протолкуваат и како ново одложување на владиното ветување, бидејќи земјоделците очекуваа дека овој тип поддршка ќе ја применуваат уште од пролетва, но тоа не се случи. На истекот на оваа година, земјоделците велат дека најважно е таа да почне да се применува и да се утврдат точните начини како ќе се дели зелената нафта меѓу земјоделците.
– Искрено, очекуваме дека зелената нафта идната година конечно ќе почне и дека земјоделците ќе имаат пристап до поевтино гориво за обработка на земјиштето. Сепак, останува прашањето како ќе се дели таа. Многу е важно дали пристап до зелена нафта ќе имаат само земјоделци што поседуваат механизација за обработка на земјата, или, пак, и оние што немаат во своја сопственост таква механизација, туку позајмуваат – вели Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделци, додавајќи дека нивните надежи се дека оваа мерка навистина ќе почне да се применува следната година.
Тој исто така дополни дека за земјоделскиот сектор крајот на 2018 година е навистина лош, посочувајќи дека со житни култури биле засадени одвај една третина од површините што изминативе години се сееле со житни култури. Поради ова, Тантаров додава дека е многу важно за пролетната сеидба земјоделците да добијат зелена нафта и колку од таа сеидба ќе се добие квалитетен производ.
– Со ваква состојба, за земјоделците ќе биде од голема корист кога напролет би ја добиле зелената нафта за обработка на земјата пред пролетната сеидба, но и за оние земјоделци што садат раноградинарски производи – дополни Тантаров.
Иако сѐ уште не е точно потврдено, сепак, најавите се дека најверојатно износот за субвенцијата ќе се утврдува според потрошените средства по земјоделски производ или групи на производи искористени за обработка на земјоделската површина во текот на една производствена година.
– Слична ваква мерка за поддршка на земјоделците и на земјоделските задруги се применуваше и во времето на Југославија. Но притоа имаше многу злоупотреби со евтината нафта, која оние што ја добиле ја препродаваа по повисоки цени, или ја користеа за приватни возила, не за обработка на нивите. Сметам дека со проверките што ги прави Владата се штитат од злоупотреба. Влегуваат доста претпазливо во новата мерка, пред сѐ од овој аспект, да направат сѐ за да можат да спречат злоупотреби од корисниците – вели универзитетскиот професор Ордан Чукалиев.
Тој додава дека предноста на зелената нафта е нејзината цена, која за земјоделците ќе биде пониска, бидејќи ќе биде ослободена од разни дополнителни давачки што се наметнати во регуларната цена на нафтата, од кои дел одат за одржување на патиштата, за екологија и други видови.
– Мора да има механизам за заштита од манипулации, бидејќи сме склони кон злоупотреби. Од друга страна, поевтината нафта за земјоделците ќе биде од голема корист, бидејќи значително ќе им ги намали трошоците за производство, а со тоа и производите ќе станат поевтини и поконкурентни. Но тоа не е единствениот проблем во македонското земјоделство – дополни Чукалиев.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство уште во 2017 година посочуваа дека зелената нафта ќе биде достапна до граѓаните оваа година, за што дури посочуваа дека се предвидени средства во буџетот. Сепак, реализацијата на овој тип поддршка за земјоделците изостана.
– Од следната година ќе се реализира мерката за зелена нафта за земјоделците – најави портпаролката на Министерството, Соња Јанковска, на истекот на 2017 година.
Зелената нафта, која македонските земјоделци со нетрпение ја очекуваат, одамна се применува во европските земји и во соседството. Користењето во голема мера ќе придонесе за намалување на трошоците и зголемување на конкурентноста на македонските земјоделци.
Ова ќе ги доближи до европските, кои одамна имаат бенефиции од ниската цена на овој енергент. Во соседна Србија зелената нафта ја има со години и таму оваа поддршка никогаш и не престанала. Има многу примери од европски земји, како што се Хрватска и Романија, каде што има субвенционирана нафта, но има и модели како што се Полска и Германија, каде што, покрај зелената нафта, за одредени стратегиски култури во одредени региони се дава и бесплатна нафта, само да се произведе тоа што ѝ треба на државата од одредениот регион.