fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаМлад земјоделецРурален туризамТоп вести

Давид Неделковски-Потценувањето на земјоделството и сточарството го донесе светот во непогодна положба

Земјоделството и сточарството се основните елементи на цивилизираното општество денес, смета младиот козар.

„Живеев во Скопје, студирав археологија, ги прекинав студии и станав фармер. Сметам дека земјоделството и сточарството се основните елементи на цивилизираното општество кое што го познаваме денеска. Потценувањето на овие две суштински гранки го донесе светот во непогодна положба каде што страдаме сите. Храната е основен столб на сите цивилизациски придобивки, затоа се зафативме со козарство и производство на храна, дали е храброст или лудост повеќе не е ни важно.“ Вакви се размислувањата на Давид Неделковски(31), млад козар од Скопска Црна Гора, творец на приказната „Кози, млеко, планина“. Оваа фарма со кози е расположена во селото Раштак на надморска височина од 700 метри, а козите се напасуваат над 1.000 метри надморска височина.

Пред десеттина години и со само десет кози, семејството Неделковски врти нова страница и го започнува сточарскиот живот во Раштак, на огништето на своите дедо и прадедо. На малата семејна фарма работи Давид со родителите и сега после десет години имаат над седумдесет грла кози. Вели дека секој ден на фармата е динамичен и зависи од периодот во годината, дали козите се подготвуваат за козење, се планира што понатаму кога јарињата ќе дојдат на свет, па производството на млеко, на сирење и други млечни производи, и накрај патот до потрошувачите.

-Човекот е најприлагодливо суштество на планетата, идејата, визијата и волјата се тоа што е пресудно. Предизвикот на оваа работа е во тоа што е динамична. Влеговме да се занимаваме со една комплекса гранка. Движењето низ планина каде се произведува млекото би можело да се рече дека е производство на суровина, а во шталата каде се молзе млекото би можело да кажеме дека е експлоатација на суровина. Потоа имаме обработка на млекото, производство на сирење, зреење…Сето ова е комплексно за работа и јас понекогаш не знам како успеваме, вели младиот козар.

Давид веќе е искусен во „занаетот“ да прави сирење од козјо млеко. Вели дека нема посебен марифет зашто секој ден е различен. Неговите сирења добиваат автентични имиња токму од пределот на Раштак, па едно од нив го носи името „Калеш Мара“, по планината каде се напасуваат козите.

-Читав интервју од еден технолог што произведува сирење, како го опишува тоа и целосно сум согласен со него. Тој вели дека нема таен рецепт за производство на сирење, туку вели дека секој ден е различен, секој ден сонцето е различно, температурата, ветрот… Сепак, имам предизвик да направам одредени типови на сирење и работам на тоа да ги следам француските технологии на производство на сирење. Така и ‘Калеш Мара’ е биено сирење со мала интервенција инспирирана од француските технологии на меки козји сирења. Всушност за квалитетно сирење предуслов е квалитетно млеко, открива Давид.

Она што е важно за Давид е одгледувањето на козите да биде одржливо, производството на млеко да биде лимитирано исто како и млечните производи. Ова како усогласување и со актуелните состојби во државата, со поскапувањето на сточната храна и се што е потребно за одржливост на една фарма.

Давид е корисник на субвенции, но досега не искористил ниту една мерка од Програмата Млад земјоделец, зашто како што вели се посветил повеќе во делот на производство на сирење и адаптација на условите во фармата.

Селото Раштак и фармата „Кози, млеко, планина“, се потврдија како вистински излез од градското сивило, вели младиот козар и не размислува повторно да се врати на градскиот живот во Скопје.

-Се од ‘припитомив’ од градот, сега ми годи прошетката низ планина, во природа. Се ‘тепаме’ дома кој да оди со козите в планина и тоа не се пропушта, бидејќи е најубавиот дел од сточарењето. Таа е релацијата со природата. Порано мене ми недостасуваа другарите, сега е обратно, тие се повеќе сакаат да ме посетуваат, доаѓаат во природа, дишат здрав воздух, консумираат здрава храна, тоа е новиот начин на живот, надвор од градските средини. Ми помагаат кога имам повеќе работа и едноставно сите заедно уживаме во приказната. Благодарен сум им бескрајно на моите родители без кои сето ова ќе беше невозможно, буквално сме подготвени до последниот здив да се бориме еден за друг, раскажува Давид.

Давид беше дел од фестивалот на вино и храна што Слоуфуд го организираше во Битола.

Анета Блажевска

 

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close