Девојчиња и момчиња учат лозаровинарски занает и уриваат предрасуди
Девојчиња и момчиња учат лозаровинарски занает и уриваат предрасуди
На тема лозарство и винарство, МИА поразговара со дел од учениците и наставниот кадар, во воспитно образовната установа која постои 66 години.
Многу е важно да не ти загори казанот
Марија Темова од Росоман има 18 години, таа е матурантка. Ми раскажа дека помага во семејното производство. Била дел од различни средношколски проекти, учествувала на повеќе училишни размени со други земји. Била дел од посети на винарии и размена на информации, на тема лозаровинарство.
– Многу си го засакав училиштето, овде има толку многу, што може да се научи. Ова е Тиквешијата, лозаровинарството е главна земјоделска гранка. Занаетот почнав да го учам од дедо ми, кој исто така тука се школувал, а го усовршувам благодарение на професорите покрај кои ги надополнувам знаењата. Повеќе сакам вино да правам. Во иднина би сакала да дипломирам енологија и да отвориме наша семејна винарија. Зошто да не и еден објект со ресторан и сместувачки капацитети, за организирани дегустации и вински тури за љубители на вино, ракија и други производи од грозје. Мислам дека иднината на регионот е во винскиот туризам, децидна беше Темова.
На прашањето дали можеби размислувала како би го крстила во иднина семејниот бизнис, следуваа шеговити коментари според презимето на момчето, но и различни размислувања дали е тоа добра или лоша идеја. Дали е подобро според неговото, или пак според нејзиното. Јас како автор на овој текст, секако, навивав за ова второто. Со многу насмевки, секако, за муабетот што го разврзавме, да тече во што поопуштена атмосфера, во училишната винотека.
Пази да не ти загори казанот, е еден од советите што ги добил младиот Митко Кимов од Кавадарци, кој потекнува од семејство кое обработува околу 80 декари лозов насад.
– Се случувало да ме остават сам крај казанот да го надгледувам додека се пече ракијата. Се случувало исто така да му ставам нешто повеќе дрва на огнот. Тогаш може комињето во казанот да загори, поради создадената висока температура. После тоа, тешко се чисти. Е сега, за да не настане загорување, исто така ми кажаа и тоа ми се врежа во главата, дека комињето од сомелено грозје не треба да има многу гроздови семки. Или, како што еве веќе разговараме со професорот Коце Попов за можно решение, на дното од казанот да се стават гранки, за да не падне скроз долу цврстиот дел од комињето, семки лушпи и месест дел, од ферментирана гроздова каша, туку потечниот. Може исто така да се стави чиста вода на дното, како изолација, за да не загори казанот, сподели тој со мене.https://kanal5.com.mk/devojchinja-i-momchinja-uchat-lozarovinarski-zanaet-i-urivaat-predrasudi/a523895