Џем Реџепоски – Ќе ја изорам нивата и пиперката не ја давам за 15 денари за килограм
Цената на пиперката на откуп падна на мизерни 15 денари за килограм
Падна цената на откупот на пиперката – куртовска капија на 15 денари за килограм. Веќе два дена цената е под секое достоинство, вели младиот земјоделец Џем Реџепоски од селото Канатларци, Пелагониско.
Реџепоски има 28 години, обработува 12 декари земја насадена со пиперка – куртовска капија од семето „мишина“ едно од најскапите семиња на овој род.
Но, како што вели младиот земјоделец, пиперката ќе остане на нива, оти цената за откуп падна на 15 денари за килограм, што е крајно неисплатлива и понижувачка.
„Знаат сите откупувачи што значи да имаш пиперка од семето ‘мишина’, ама се било попусто, пиперката се откупува под секоја разумна цена. Веќе два дена на откуп е 15 денари, а интерсот кај откупувачите од Струмица кои доаѓаат по пиперка во Пелагонија е слаб. Она што е најлошо е што откупувачите праќаат свои луѓе по ниви и прават проценка на родот, ако е прва класа ти нудат 15 денари за килограм. Ова е надвор од разумот и крајно понижувачко за трудот на земјоделецот“, реагира младиот земјо делец Реџепоски во изјава за Зелена берза.
Од 12 декари земја колку што со пипер насадил младиот Џем, очекува род од 50 тони пиперка. Но досега не набрал ни килограм за продажба оти според неговата математика не се исплаќа да влезе во нивата, да го набере родот, да плати сезонски работници и да го даде за само 15 денари од килограм.
„Пиперката им рок кога да се бере, за овие пари не влегувам во нивата не ми се исплаќа. Само за репроматеријали имам дадено 5000 евра, како ќе си ги вратам парите. Ќе влезам со тракторот со тањирачата и се ќе израмнам“, револтирано вели Реџепоски.
Според младиот земјоделец, занимавањето со земјоделие и производство на храна во Македонија е како одење во коцкарница.
„Работам цела година вложувам, а сега нема откуп, нема пари, нема враќање на влогот. Ова земјоделието дојде како играње на комар, ги носиш парите во коцарница и играш на среќа. Веќе е неиздржливо. Млад сум и морам да барам излез од ситуацијата. А излезот ќе значи и излез од државата во еден правец. Штом државата не се грижи за нашето производство ќе одиме во странство, барем ќе имаме за леб“, вели разочарано младиот земјоделец.
Реџепоски е член на Управниот одбор на Националната земјоделска мрежа која веќе излезе со став дека ниската откупна цена на пиперката – куртовска капија е директна закана за егзистенцијата на производителот. Од НЗМ прашуваат -Зарем еден килограм пиперки вреди колку една обична гума за жвакање?
„Откупната цена од 15 до 18 денари за пиперката не е само навреда за трудот и потта, туку директна егзистенцијална закана за секој македонски земјоделец и неговото семејство. Газење на достоинството и интелигенцијата на земјоделскиот производител. Додека вие надлежните седите во удобни кабинети, трудот на земјоделците е целосно обезвреднет, а производството е доведено до прагот на целосен колапс. Земјоделецот е оставен на милост и немилост и немилосрден грабеж од страна на трговците и преработувачите“, реагира Националната земјоделска мрежа и упатува остро предупредување до институциите.
„Сите претходни предупредувања, аларми и реакции од Националната земјоделска мрежа наидоа на целосна глувост и отсуство на каква било емпатија од државните институции. Трпението е исцрпено, а гневот кај угнетените земјоделци секојдневно расте и наскоро ќе се претвори во одлучен одговор на улиците и полињата“, реагира НЗМ.
Министерот Борче Серафимовски последно пред десетина дена на средба со производителите, откупувачите и преработувачите на пиперка од Струмичкиот регион кажа дека отворено зборувале за сите проблеми и прашања кои влијаат на процесот на откупот, како и за актуелните пазарни движења.
На 13 август беше постигнат договор меѓу производителите, откупувачите и преработувачите, според кој цената за прва класа пиперка – куртовска капија изнесува 40 денари за килограм, за прва-втора и за индустриска класа 30 денари, а за шкарт 15 денари за килограм.
Тој договор не се испочитува.
Досега нема јавно коментар од министерот за откупната цена од 15 денари за килограм пиперка.
Според Серафимовски–„Податоците покажуваат дека македонската пиперка има активен пласман на странските пазари. Во периодот од 1 јули до 25 август годинава извезени се 7.347,84 тони пиперка, наспроти 7.201,48 тони пиперка што се извезени во истиот период од 2025 година. Значи, имаме зголемување на извозот за 146,36 тони.“
Анета Блажевска






