
Димитриеска-Кочоска: Ребалансот носи ПОВЕЌЕ ПАРИ за ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ
Обезбедени се дополнителни средства за земјоделските субвенции (1,4 милијарди денари повеќе или вкупно 8,7 милијарди денари)
Предлог измените и дополнувањата на Буџетот за 2026 година од вчера се на дневен ред на матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет. Пред членовите на Комисијата Предлог-ребалансот го образложи министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која истакна дека со измените и дополнувања се потврдува заложбата на Министерството за финансии и Владата за економска стабилност, развој и одговорно управување со јавните финансии и воедно претставува продолжување на насоката што веќе дава резултати, а тоа се позитивните трендови во економијата.
На расходната страна, вкупните расходи се ревидираат на 425,8 милијарди денари, а дополнителните средства се насочуваат кон јасно утврдени приоритети.
Обезбедени се дополнителни средства за земјоделските субвенции (1,4 милијарди денари повеќе или вкупно 8,7 милијарди денари), повеќе средства за субвенциите во железничкиот сообраќај, поддршката на спортот, за студентскиот и ученичкиот стандард дополнителни 500 милиони денари. Oбезбедена е и дополнителна поддршка за најранливите категории граѓани преку средства за социјални надоместоци од дополнителни 1,3 милијарди денари, за заштитни друштва, народни кујни и мерки за деинституционализација, како и дополнителни 1,2 милијарди денари за здравствена заштита, од кои 600 милиони се дополнителни средства од централниот буџет за исплата на обврски по породилно боледување.




