вестиВиноМакедонијаТоп вести

Договори за откуп на грозјето да се склучат до Свети Трифун бараат лозарите

 

Членовите на Регионалното Здружение „Напредни лозари“ од Кавадарци  производители на грозје испратија допис до Министерот за земјоделство  Трајан Димковски и неговиот заменик Цветан Трипуновски  во кое уште еднаш потсетуваат на нивната незавидна состојба и бараат изнаоѓање на решенија.

Укажувајќи на состојбата со лозарството во нашата држава  и за подобар старт на новата сезона, бараат винарските визби  да потпишат договори најдоцна до празникот на лозарите Свети Трифун, кога тие симболично започнуваат со лозарските работи за новата производна реколта. Бараат да им се забрани откуп на количини грозје поголеми од договореното во тековната година.

Во дописот лозарите укажуваат  дека цената на винското грозје  во Европа  е повеќекратно поголема од цената по која се откупува на нашиот пазар. Цената на винското грозје  кај нас е пониска за повеќе од двојно и од соседството Србија, Албанија, Црна Гора кои не се членки на ЕУ.

-На нашиот пазар има највисоки цени на репроматеријали и повеќекратно пониски цени на грозјето, велат тие.

За надминување на лошата состојба лозарите бараат:

-Да се откупува винското грозје по цени како во Европа или за почеток цената на откуп да биде барем како во соседството  каде е повисока повеќе од двојно од нашата откупна цена.

-Да се одреди минимална цена на откуп на винското грозје, повисока од производната која ќе обезбеди профитабилност и интерес за инвестициони вложувања во лозарството.

-Минималната  откупна цена секоја година да се зголемува за минимум 20% со цел да се достигне откупната цена во ЕУ.

-Откупувачите на винско грозје најкасно до Св.Трифун  да имаат склучено договор за откуп со лозарите во кој ќе бидат внесени цените и плаќањето да се врши по законот за плаќање на редовни фактури, а не надвор од тоа со посебни клаузули. Откупувачите кои нема да склучат договори за откуп на целото планирано винско грозје по сорти и квалитет како што е превидено да не им се дозволи по Св.Трифун да склучуваат договори и да им се забрани откуп на количини грозје поголеми од договореното до Св.Трифун во тековната година.

-За сите регистрирани индивидуални земјоделци  субвенциите  да се зголемат за 100%, а со зелена нафта да се покрие целокупното производство.

Лозарите  потсетуваат дека повеќепати се обраќале до надлежните со цел да се пронајдат решенија за излез од тешката ситуација. Бараат да се изнајде решение бидејќи, како што велат,  загрозена е нивната егзистенција.

-Ако нема договор и подобри цени принудени сме да го оставиме лозарството, велат производителите од Здружението Напредни лозари“ – Кавадарци.

 

П.Јовановска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close