„Достигнуваме нов врв во производство на моќни, ексклузивни вина со исклучителен квалитет и висока додадена вредност. На ваков начин остануваме доследни на нашата стратешка определба за континуирано збогатување на понудата и во сегментот на производство на oгpaничени количини префинето вино“ вели генералниот директор на ВВ „Тиквеш“ Игор Илиевски.
Огромно влијание врз екстра високиот квалитет на ова вино има и изборот на грозјето. Во овој сегмент направен е внимателен избор на секој грозд и редукција на приносот по хектар, со оставање на два најдобри грозда по лоза, со што е овозможена максимална концентрација на аромите и на вкусовите во виното. Дополнително за моќните својства и ароми на ова вино придонесува и неговото одлежување во времетраење од 18 месеци, што се одвива во специјални (ICON) француски „барик“ буриња кои се користат само за виното од една берба. За секоја наредна берба се користат нови буриња.
Виното ќе се произведува во лимитирана серија од 20.000 шишиња и ќе биде достапно само на најзначајните светски пазари, како и во ограничен број угостителски објекти и неколку специјализирани продажни објекти во земјава.