fbpx
ВестиТоп вести

Државата плаќа 80 отсто од трошоците за складирање на пченицата

Сите земјоделци што ќе сакаат да ги складираат своите производи во некој од овластените складишта имаат можност да добијат субвенции од новата интервентна мерка на Владата, со која се покриваат 80 отсто од трошоците за складирање. Станува збор за нова интервентна мерка со која своите производи ќе може да ги складираат и чуваат од два до шест месеци. Единствено што треба да направат е да склучат договор со некој од складиштата и да добијат финансиска поддршка. Уредбата е веќе излезена во „Службен весник“ и со неа секој земјоделец што ги исполнува условите, од својот џеб треба да покрие само 20 отсто од трошоците.

drzhavata plakja 80 otsto od troshocite za skladiranje na pchenicata

 

– Со оваа уредба се уредува постапката за доделување финансиска поддршка за складирање, корисниците, висината на поддршката, условите за складирање, потребната документација, видот и квалитетот на пченицата од домашно производство и на други земјоделски производи од Законот за земјоделството и руралниот развој – стои во уредбата.

Според неа, финансиската поддршка за складирање се доделува за покривање дел од трошоците за складирање на земјоделските производи предадени на чување. Kорисниците на финансиската поддршка за складирање се земјоделски стопанства евидентирани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства кои претходно имаат поднесено барање за субвенции по обработлива земјоделска површина во согласност со годишната Програма за финансиската поддршка во земјоделството. Тие треба да имаат склучено договор за складирање и платено 20 отсто од трошоците за складирање.

– Финансиската поддршка за складирање на земјоделските производи изнесува 80 проценти од трошоците за складирање и чување изразени преку цената на услугата за складирање за тие земјоделски производи. Земјоделците за оваа уредба поднесуваат барање за финансиска поддршка за складирање со потврда издадена од складиштето за примена и складирана количина на земјоделскиот производ и извештај за квалитет на земјоделскиот производ од страна на овластена лабораторија – стои во уредбата.

Парите се исплаќаат директно на складиштето од страна на Платежната агенција. Фирмите што ќе ги чуваат земјоделските производи парите ќе ги добиваат од Платежната агенција на секои два месеца.

Прва култура за која земјоделците ќе добијат надомест е пченицата. За неа секој земјоделец кој има над 3,5 тони пченица ќе може да земе пари од Платежната агенција. Во Министерството за земјоделство велат дека ова се прави со цел да се поддржат производителите првенствено поради ниската откупна цена, намалениот интерес за откуп, како и зголемениот увоз на пченица и брашно од Србија. Тие исто така добија и по 6.000 денари за хектар повеќе од предвиденото за пченица.

Тагови

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button
Close