Два милиони евра штета од мразот во Пробиштип
Мразот им го изеде родот на пробиштипските земјоделци. Земјоделските експерти оценуваат дека штетите на лозовите и овошните насади се 100 проценти. Род ќе немаат ниту годинава, ниту пак наредната. Маде Заковски кој има осум хектари лозови насади и плантажа со вишни вели дека има штета од над 30.000 евра само кај лозовите насади.
Комисијата за проценка на штети од денеска е и официјално на терен. Пријавувањето е до 10 мај. Според првичните проценки на земјоделските експерти штетата во овој регион на лозовите и овошни насади изнесува околу два милиони евра.
Земјоделците од овој регион се пожалија дека мора да се најде начин за осигурување на посевите од студот, бидејќи компаниите оваа година не им дозволиле тоа да го сторат. Земјоделците очекуваат обештетување, но засега и оваа исплата е неизвесна, како што се и субвенциите, кои ги чекаат земјоделците.