fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Еџевит Ајдароски-Долнени е на колена од катастрофалниот откуп на тутунот

Долнени е на колена, задолжени сме до гуша, а ниските откупни цени ќе не натераат да го преполовиме производството на тутун, се жали Ајдароски.

Тутунот е единствената егзистенција на тутунарите од Општина Долнени, ако не ни го откупат целиот произведен тутун, регионот ќе падне на колена, во тешка финансиска криза и без средства да ја започне новата реколта. Ова е апелот на Еџевит Ајдароски, 45 годишен искусен тутунар од село Дебреште, Општина Долнени до откупувачите. Ајдароски, член на Иницијативниот одбор на „Тутунари од Македонија“, исто како и другите тутунари во државата ја дели заедничката мака поради лошата откупна политика и катастрофално ниските откупни цени. Во Дебреште има околу 800 куќи со над 4 илјади жители кои работат и живеат од тутунот.

Еџевит обработува 3 хектари земја и произведува до 5,5 тони тутун годишно.

-Од дедо, прадедо како фамилија се занимаваме со тутун, од тоа живееме, ама ваква година не се памети. Не само јас, туку зборувам за целиот крај Долненски кој егзистира од тутунот. Досега на откуп дадов околу 1.200 кг со просечна цена од 135 денари. За жал многу ниска. Тоа се должи на лошата проценка, до душа имаме и полош квалитет од лани, ама не дотолку, за да го проценуваат со 40 проценти разлика во споредба со лани. Она што е уште полошо со оваа динамика на откуп до крајот на март не ќе можам да го предадам тутунот, вели Ајдароски.

Тутунарите од Долненско се подготвуваат за новата реколта, ама како што вели Еџевит за жал обработката на земјиштето за тутун ќе се намали за половина, што значи од 3 на хектар и половина под тутун. Другите површини ќе ги засади со други земјоделски култури.

-Ќе бараме друго чаре да работиме, зошто со тутунот не ќе можеме да ги покриеме основните потреби за новата реколта. Ако и следната година бидат овие проценки, многу од нас ќе се откажеме од тутунот, вели Еџевит.

Што се однесува до состојбата со откупот на тутунот во општина Долнени, Ајдароски вели како течат работите дека нема да бидат доволни ни три месеци за да се до откупи цел тутун.

-Во Долнени досега се откупени 35 проценти од произведениот тутун. Како општина произведуваме 9 милиони килограми тутун, само нашето село произведува до 2 милиони килограми тутун. Ние тутун произведуваме според нашите планови, легално ги пријавуваме нивите засадени со тутун. Но, ако јас сум доставил документи пример, во Тутунски Прилеп дека ќе садам 2 хектари, од таму имам поврат со склучен договор на 4 декари. Поточно по 200 килограми на декар, што значи 800 кг. А јас од 20 декари произведувам 4 тони тутун. Ова значи дека јас во моментот имам 3,2 тони тутун. Но, тоа не е вишок на тутун, туку јас сум пријавил она што сум го произвел, пресметува Ајдароски.

Ова што се случува вели Ајдароски, го носи Долнени во колапс.

-Сите тутунари не враќаат со 10 години назад, за 1 евро по килограм сме кусок од оваа година. Ова значи дека ако сме произвеле 9 милиони килограми тутунот, во Општина Долнени ќе влезат 9 милиони евра помалку. За тутунарите од Долнени ова  е голем удар, не знам како ќе го издржиме и како ќе продолжиме. Овие откупни цени на тутун беа можеби во 2005-2006 година, но тогаш 1 литар нафта беше 27 денари, а сега е 52 денари. Ако тогаш препаратите за 1 хектар не чинеа најмногу до 500 денари, сега не чинат 50 евра, вели Ајдароски со напомена дека тутунарите еднаш во годината земаат пари, а не секој месец плата.

Живот на вересија

Ајдароски вели дека тутунарите цела година се задолжуваат, за да после откупот ги исплатат долговите, па оваа година поради нискиот откуп не им останува пари за живот.

-Секоја втора куќа сме задолжени во земјоделските аптеки, по пријатели, кој може се задолжува во банка. Значи парите што ги земаме за тутунот ни се однапред 80 проценти потрошени, а каде се заостанатите сметки за струја и вода. Затоа се молиме на Бога ден порано да ни ги пуштат субвенциите за да можеме да преживееме, вели Еџевит.

Излез од кризата-интервенција од државата

Чаре за ваквата состојба во која се наоѓаат тутунарите Ајдароски гледа во интервенција од државата. Да им се надомести на тутунарите кои тутунот го предале под просекот од 180 денари, или да им се дадат субвенции од 100 денари за откупен килограм тутун без оглед на класата.

-Во разговор со премиерот Заев и министерот Хоџа ни беше ветено дека просечната откупна цена ќе биде 180 денари. Загарантиран од откупувачите, но не е така. Во моментов тутунарите на откуп ги носат сите берби, се враќаат долните. А цената на тутунот наместо да оди нагоре паѓа, јас не знам официјално, но сметам дека сега просечната откупна цена на тутунот е под 160 денари за килограм. Чарето е државата да ни помогне, субвенциите да ги изедначи, минимум по 100 денари од килограм, без разлика на која класа. Така единствено ќе се закрепиме и ќе може да ја стартуваме новата реколта. Во спротивно како општина Долнени и како тутунари ќе паднеме во голема сиромаштија, вели Ајдароски.

Накрај нашиот тутунар со апел до комбинатите да ја зголемат динамиката за откуп во Општина Долнени.

-Да се засили динамиката на откуп, зошто имаме тутунари кои и по три до пет дена чекаат наред за откуп. Второ, ако веќе чекаме толку долго да не ни ја ограничуваат количината. Значи ако кај нас една просечна фамилија има 200 картони, или минимум 3 тони тутун, да ни ги откупат одеднаш. Оти ако чекаме на откупот ова ќе се пролонгира и на крај на февруари не ќе можеме да ја стартуваме новата реколта. Ќе предаваме тутун, или ќе спремаме нова реколта?. Затоа молам да се избрише лимитот за откуп, порачува тутунарот Ајдароски, член на Иницијативниот одбор на „Тутунари од Македонија“.

 

Анета Блажевска

 

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close