Ементал – швајцарското сирење со дупки достапно и за македонските гурмани

(Oвој напис е објавен на: March 7, 2019)

Сигурно некогаш сте го слушнале изразот „има дупки како швајцарско сирење“. Сте се запрашале ли од каде доаѓа и на што се однесува? Одговорот е многу едноставен – изразот доаѓа од најкарактеристичното, традиционално сирење во Швајцарија наречено ементал. Тоа е полутврдо жолто сирење од кравјо млеко со карактеристични дупки со големина на лешник. Всушност, тоа е сирењето што го јадат глувчињата во цртаните филмови, кое има карактеристичен изглед по кој се издвојува од останатите жолти сирења.

Ементалот оригинално потекнува од централните кантони во Швајцарија каде се прави според традиционален рецепт кој потекнува многу одамна. Се смета дека ова сирење е едно од најтешките за производство поради комплицираниот процес на ферментација при кој треба да се формираат дупките. Имено, за производство на ементал се користат три вида бактерии, при што дупките во него се создаваат од меурчињата гас што ги ослободуваат бактериите во процесот на производство. Во минатото, дупките во сирењето се сметале за знак на несовршенство поради што производителите максимално се труделе да ги избегнат. Но, во модерно време тие сфатиле дека токму дупките се заштитниот знак на ементалот, по кои ова сирење станало препознатливо во целиот свет. Денес, освен во Швајцарија, ементал се произведува и во Франција, Германија, но и во САД.

Ова традиционално швајцарско сирење може да се најде и во Македонија, како ексклузивен производ во маркетите на Веро што го дистрибуира италијанската компанија „Леоне“, семејна компанија која повеќе од половина век се занимава со производство, зреење и дистрибуција на најквалитетни млечни производи со уникатен вкус.

Комбинации со храна и вино

Ементалот не е уникатен само според изгледот, туку и според вкусот. Има карактеристичен слаткаст вкус со овошни тонови, поради што е омилен меѓу гурманите и љубителите на сирење. Ова сирење се топи многу лесно, па поради тоа се користи за приготвување различни сосови и топли сендвичи. Ементал, заедно со сирењето гријер, се двете основни состојки во популарното фонду (сос од топено сирење). Совршено е за рецепти кои бараат да се додаде сирење при крајот на печењето, како на пример потпечени макарони и други видови тестенини. Но, нема да згрешите и ако ементалот само го исечете на мали парченца и го послужите со други видови сирења на даска. Во овој случај, најдобро е да се комбинира со јаболка, грозје, праски или круши, а може да се користат и зачинети крекери кои само ќе го потенцираат неговиот уникатен вкус.

Кога станува збор за спарување со вино, сирењето ементал најдобро оди со мерло, ризлинг или шампањ. Но, ако повеќе преферирате пиво, тогаш може да ја пробате комбинацијата на ова сирење со белгиско пиво или со некое светло, лагер пиво кое ќе го нагласи овошниот вкус на ементалот.

 


 

mkd.mk

Share Button