fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Жената земјоделец ја има најблагодорната професија – да произведува храна

Интервју со Лилјана Јоновски-Рурална коалиција

Лилјана Јоновски-доаѓа од граѓанскиот сектор кој што делува во насока на унапредување на квалитетот на животот во руралните средини.

 

З.Б-Што е она што е предност за една  руралната жена во споредба со жените од урбаните средини, а што предизвик и проблем што треба да се надмине?

Се гордеам со моето 14 годишно работно искуство како дел од граѓанскиот сектор кој што делува во насока на унапредување на квалитетот на живот во руралните средини, иако морам да признам дека не сум земјоделка, освен парчето земја кај моите родители на кое што одгледуваме речиси се од градинарски култури, но за домашна употреба.  М-р сум по бизнис право, но моето прво работно искуство беше токму во секторот земјоделство и рурален развој. Откако ја видов реалната состојба со која што се соочуваат нашите земјоделци секојдневно обидувајќи се да ги надминат предизвиците кои што им се товарат на грбот речиси постојано, а особено на жените од руралните средини решив дека ќе останам токму во овој сектор вложувајќи ги максимално своите напори, својот труд, своето знаење за да го да дадам својот придонес во решавањето барем на дел од проблемите затоа што мислам дека посебно во овие години на брз развој, дигитализација, транзиција, глобализација како да го забораваме она најважното, а тоа е токму производството на храна, според мене и најблагородната професија што човек може да ја има. И токму тоа е првата и најголема предност која што ја има една жена која што живее во рурална средина. Токму во време на пандемија главната порака која што ја испративме преку нашето Рурално Женско Лоби беше дека онлајн земјоделие нема и дека без оглед на се што ни се случува храна мора да има, па така иако државата, а и светот ни беа зафатени од едно од најголемите зла на денешницата, работата на село и на нивите и понатаму продолжи. Во отежнати услови, но продолжи.

З.Б-Што покажаа анализите од терен?

Токму пандемијата со Ковид-19 е таа која што на површина ги извади и сите родови јазови кои што многу тешко може да ги преминат жените од руралните средини за да може да се смета дека се исти односно дека ги имаат истите права со жените од урбаните средини, а за тие родови јазови ние како Рурална коалиција заедно со неколку граѓански организации изготвивме неколку различни анализи кои што повторно го фрлаат светлото на реалната состојба кога станува збор за родовата еднаквост и нејзиното практикување во руралните средини, но и воопшто за достапноста на услугите на системот и државата кои што треба да бидат еднакви за сите. Па, така ако жените од урбаните средини имаа можност да извадат потврди од работа за да може дома да ги чуваат децата заради затворањето на градинките, тоа не беше случај со жените од руралните средини кои што ем ги имаа децата дома, ем продолжија со работата на нива. Дополнително низ истражувањата кои што ги правевме се утврди дека 42% од жените од руралните средини имале потешкотии во храна и средства за хигиена во текот на пандемијата наспроти 24% од жените од урбаните средини. Ниското ниво на дигитална писменост, психолошкиот притисок за да им обезбедат услови за едукација на децата од дома, недостигот на информации за самиот вирус, заболувањата, недостигот од здравствени и социјални услуги, дискриминацијата, ограничувањето на движењето, па и порастот на семејното и родовото насилство беа само дел од предизвиците со кои што се соочија жените од руралните средини само во текот на оваа една и пол година живот во пандемија, но и на сите нас ни го вклучија алармот што значи да се биде жена од рурална средина и колкави се всушност размерите на родовиот јаз кој што постои таму.

Дали жените земјоделки добија помош од државата?

Поради фактот што најголемиот дел од нив влегуваат во делот на неформалната економија, односно само 38% се сметаат за економски активни, жените од руралните средини не влегоа во ниту еден од 5-те пакети на мерки за економска помош и поддршка на Владата и покрај фактот што голем дел од нив имаа загуби на приходите од продажбата на земјоделски производи од 60-80%, а дел од нив дури беа приморани и да работат како сезонска работна сила на нивите кај своите комшии, пријатели или комбинати за да придонесат во семејниот приход и да го одржат на нозе семејното земјоделско стопанство. Но, кога сте невидливи за системот на државата, таа и да сака не може да ви помогне, па затоа се потребни итни промени во поголем дел од законската регулатива, а се со цел да им се олесни регистрацијата на жените како индивидуални земјоделки, да се евидентира нивната работа, а и на таков начин да може да ги користат сите бенефити и услуги од страна на државата. Како одговор на пандемијата она што успеавме да го направиме сите засегнати страни во секторот- граѓански организации, институции, Факултетот за земјоделски науки и храна е преку работната група за економско јакнење на жените од руралните средини воспоставена во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а со поддршка на UN Women, е да издејствуваме средствата од првата мерка наменета за економско јакнење на активен женски член во семејното земјоделско стопанство, која што пак со доста труд и напор успеавме претходно да ја креираме согласно потребите на жените од руралните средини, да им се доделат на сите жени кои што аплицирале, а ги исполниле критериумите, па така 250 жени кон крајот на месец мај потпишаа договори за неповратна финансиска поддршка на нивното земјоделско производство во максимален износ од 3.000 евра по грант. Но верувајте дека тоа е само почеток. Не чека уште многу пат, многу работа за да може да ја достигнеме родовата еднаквост во вистинската нејзина смисла во руралните средини.

З.Б-Што подразбира „Наша тезга“ – онлајн пазар, која е приказната, целта на овој проект?

„Наша тезга“ произлезе како еден од одговорите, а можам да кажам и најсериозен, на кризата предизвикана од пандемијата и тоа токму во делот на економското јакнење на жените од руралните средини. Со самата појава на кризата ние бевме на терен и говоревме и делувавме за подобрување на пристапот до услуги и права за жителите во руралните средини, а особено на жените. И токму при спроведувањето на истражувањето и теренската поддршка на жените од руралните средини, токму од кај нив произлезе идејата дека ако не можеме да продаваме на пазарите како би можеле тоа да го направиме поинаку? И бидејќи дигитализацијата и онлајн комуникацијата беа во подем се роди идејата за првиот рурален женски е-пазар. Истражувавме и во околните земји, како и во Европа, односно за пример ја зедовме Австрија и увидовме дека ваквите пазари може да бидат и тоа како функционални и доходовни за жените од руралните средини доколку соодветно се вложи во нивното воспоставување и промоција. Како што растеше идејата и начините за нејзина реализација така се зголемуваше и поддршката за истата. Па, така Рурална Коалиција беше избрана за една од трите организации кои што со поддршка на Конект ќе може да учествуваат во Донаторскиот кружок, настан кој што се организира еднаш годишно, а на кој што организациите имаат можност да ги презентираат своите идеи и за тоа да добијат поддршка во вид на донација од индивидуалните граѓани и од бизнис секторот, како и од своите колеги, односно од граѓанските организации. На донаторскиот кружок беа собрани над 150.000 денари за да се развие идејата за првиот рурален женски е-пазар, а тука е и про-боно поддршката од бизнис секторот, особено во делот на развојот на лого за платформата, дизајн, начини на продажба итн.

Во меѓувреме во соработка со донаторите и жените од руралните средини, руралниот женски е-пазар си доби и име, односно се нарекува „Наша тезга“ затоа што станува збор за наши локални земјоделски производи, наши рурални средини, наши земјоделки-производителки.

З.Б-Како е замислено да делува оваа платформа?

Оваа платформа е замислено да биде поразлична од сите претходно воспоставени слични платформи затоа што приказните ќе бидат тие кои што ќе ги продаваат производите, односно на секоја виртуелна тезга закупена од страна на жена од рурална средина, купувачот ќе има можност да се запознае со традицијата на земјоделското производство, вклученоста и вложениот труд на жената во истиот и дури потоа да може да го купи она за што ќе се одлучи. Платформата ќе биде прва од ваков вид особено и во делот на интерактивноста и поврзувањето со купувачите. Тука за крај би напоменала дека ништо од ова немаше да биде можно доколку не беше институционалната поддршка на Рурална коалиција од страна на програмата на Цивика мобилитас која што во период од 2 години ја поддржува работата на коалицијата и го овозможува нејзиното институционално јакнење и развој односно поддршка каква што и најмногу недостига кај нас кога станува збор за развој на граѓанските организации.

Кој е патот што го избравте за афирмација на „Наша -тезга“?

Патот за афирмација на „Наша тезга“, мислам дека ќе биде и најтешкиот дел од целата приказна поврзана со виртуелниот пазар. Ние веќе го направивме првиот промотивен настан со цел да ги охрабриме жените од руралните средини да започнат да размислуваат многу повеќе и секако за свои потреби и цели да го користат дигиталниот простор, па првичната верзија на платформата достапна на: https://nashatezga.netlify.app/ ја промовиравме во Неготино во партнерска соработка со локалните здруженија, особено со Еко Вита и со претставници од самата општина затоа што партнерските односи кои што ги развиваме во коалицијата не се однесуваат само на здруженијата туку исто така и на институциите. Всушност за афирмација на Наша тезга ќе ни биде потребна поддршката буквално од секој кој што ја поддржува нашата идеја, па така ние веќе развиваме партнерски релации и со седмата сила, односно со новинарите и медиумите како на локално така и на национално ниво кои што всушност треба да бидат и најголемите промотори на виртуелниот е-пазар.

Како ќе се реализира продажбата на терен?

Продажбата на земјоделските производи за почеток е замислено да се одвива преку директно контактирање на жените производителки затоа што ќе ни треба повеќе време додека да ги имплементираме сите законски регулативи кои што ја регулираат онлајн продажбата и плаќањето, како и делот на дистрибуција на производите од едно до друго место затоа што крајната замисла е да можеме токму ние преку социјалното претпријатие да ги примаме нарачките, да ги поврзуваме купувачите со жените земјоделки, да го организираме превозот, односно доставата на производите и на таков начин да воспоставиме еден целосен вредносен синџир на производство-продажба и крајни потрошувачи.

 

Анета Блажевска

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close