Фатмир Ќаили-Сточарењето ни е во крвта и наследство од кое не се откажуваме
Ќаили е наш сточар од Скопско, кој одгледува и овци и крави. И покрај целата тешкотија на сточарењето и сите предизвици кои ги носи оваа гранка, за него работата да биде покрај стоката е задоволство.
Фатмир Ќаили е наш сточар од Скопско, кој одгледува и овци и крави. И покрај целата тешкотија на сточарењето и сите предизвици кои ги носи оваа гранка, за него работата да биде покрај стоката е задоволство. Среќен и исполнет е кога неговите овци, јагниња, крави и телиња ги запоседнуваат зелените пасишта на областа Торбешија на десниот брег на реката Вардар.
Работата во истовреме е и убава и тешка, вели Фатмир чии работен ден започнува рано наутро, а завршува доцна во ноќта, зашто стоката бара грижа и не се остава сама на себе. Неговото семејство брои десет членови и сите се ангажирани во фармата, помагаат во работата.
Ќаили одгледува околу 120 глави овци со јагниња, 65 крави, 15 јуници
-Овците ми се во наследство од дедо, значи три генерации одгледуваме овци и не се откажуваме од сточарството, а кравите ги чуваме дваесет години, и сите се потомци од една крава. Едноставно кажано, сточарството е наш избор на живот со генерации, вели Ќаили во разговор за Зелена берза.
Сточарот вели дека годинава е задоволен од откупната цена и на јагнињата и на јунците.
-Не предаваме млеко во последните години, сега сме фокусирани на продажба на телиња по цена од над 135 денари жива мера. Продаваме и јагниња и оваа година да бидам искрен сме задоволни од цената која ја постигнавме 180 денари жива мера. Со овие цени не можеме да станеме милионери, ама можеме да живееме еден достоинствен живот, вели Фатмир, нагласувајќи дека во оваа време тешко е да натераш човек да се занимава со сточарство ако не сака, па макар да е во прашање егзистенцијата.
-Кој сака да чува стока ќе го направи тоа без присила. Во ова време тешко еда натераш човек да чува стока ако не сака. Нашата реалност е во тоа што ние ја имаме стоката и не сакаме да ја оставиме, цел живот сме со стоката така и продолжуваат и нашите деца. Ова е наша традиција, семејна. Во нашата општина само ние останавме да сточариме. Имаше пет-шест сточари и сите се откажаа. Јас сум последниот сточар во селото Страхојадица, вели Ќаили и напоменува дека државата мора повеќе да вложува во сточарството.
-Да ја кажеме реалноста, во другите околни држави, многу повеќе се инвестира од страна на државата во сточарството. Еве на пример во Срција, Црна Гора и Косово, сточарите добиваат повеќе средства од државата. За кравите и овците по грло даваат по 200 евра а кај нас 50 евра. Ова во споредба со трошоците кои ги имаме не е помош, вели нашиот сточар.
Стока мора да се храни и не може да се препушти само на пасиштата, па Ќаили вели дека добар дел од храната ја купува, а и сам произведува сточна храна.
-Обработуваме 30 декари наша земја и сами произведуваме сточна храна, со оглед на бројноста на фармата тоа не доволно па мора да купуваме. А земаме и земја под наем и таа ја работиме со цел да произведеме што повеќе храна, вели Фатмир.
Според него како голем проблем за овчарството е недостигот од овчари.
-Платата за овчарот стаса и до 1.000 евра месечно, ама и за тие пари не можеш да најдеш овчар. Затоа цела фамилија се ангажираме за да ја чуваме стоката, што не е едноставно, зашто во лето ја носиме горе на планина. Но, пресметките се дека 12.000 евра годишно за овчар и плус трошокот за храна е премногу за еден сточар за да си дозволи. Тука како голем за нас е да се најде работник за фармата со крави. Можеби за овчар некој ќе се излажи, ама за кравите чување тешко, раскажува Ќаили.
Инаку вели, дека досега не аплицирал за ниту една мерка или повик од државата за програмите за земјоделците. Смета дека сточарите во овој дел се запоставени и државата треба да им помогне на сточарите во делот на потребната механизација за фармите.
Инаку Страхојадица е рамничарски предел, со надморска височина од 340 м, а атарот зафаќа површина од 4 км. Селото има претежно полјоделско стопанство. Според податок од 1998 година има 152 хектар обработливо земјиште и 220 хектари шуми.
Според пописот од 2002 година, во селото Страхојадица живееле 268 жители, од кои 267 Албанци и 1 Македонец.
Ќаили вели дека селото живее, имаат пат и вода и ретко кој се иселува од него.
Анета Блажевска