Екологија
Филтрите на РЕК-Битола чекаат на реконструкција што ќе значи пет пати помалку прашина
-На филтрите на РЕК Битола не е интервенирано повеќе од триесет години. Реконструкцијата која ја започнуваме драстично ќе го намали емитувањето на прашина во воздухот. Целта е да се достигнат западно – европските стандарди заради што во тендерот бараме од идниот изведувач да гарантира дека највисоката граница на прашина во воздухот ќе биде 20 милиграми на метар кубен, вели Златко Ќурчиевски, директор на РЕК Битола за „Зелена берза“.
Електростатските филтри на блоковите во РЕК Битола не се обновени цели 37 години. Годинава за првпат е почната постапка за реконструкција на филтрите, со што ЕСМ ќе треба да вложи 20,4 милиони евра сопствени средства, со цел за подобрување на животната средина. Реконструкцијата на електростатските филтри ќе се одвива заедно со замена на вентилаторите за димни гасови. При тоа за реконструкцијата на електростатските филтри планирани се 12,9 милиони евра, а за замена на вентилаторите за димни гасови 7,5 милиони евра.
Тендерот е распишан кон крајот на март, а избраниот економски оператор ќе почне со реконструкцијата на филтрите на почетокот на 2020 година. Во следните три години ќе се реконструираат сукцесивно филтрите на сите три блока на РЕК Битола и се очекува тоа да биде еден од најзначајните зафати за ЕСМ. Филтрите кои ја намалуваат емисијата на прашина во воздухот на првиот и вториот блок биле градени во периодот од 1979 до 1982, на третиот блок во 1986 година, но до денес не добиле никаква ревитализација. Дури и кога во 2007 била започната постапката за добивање на А интегрирана дозвола, иако намалувањето на прашината бил еден од условите, сепак, не се започнало со освежување на филтрите.
Од РЕК Битола за „Зелена берза“ велат дека преземаат чекори во насока на заштита на животната средина за да го подобрат квалитетот на живот на граѓаните во Пелагонискиот Регион.
-За мене, како директор на РЕК Битола, приоритет е производството. Но, со зголемувањето на производството и намалувањето на трошоците за производство, ќе генерираме поголеми заштеди кои ќе ги инвестираме не само за потребите на производствениот процес, туку и во проекти од пошироко значење за заедницата. Еден од нив секако е реконструкцијата на електростатските филтри, за што се надевам дека наскоро ќе го добиеме изведувачот на работите. Станува збор за голем тендер во секоја смисла, и изведбено и финансиски. Постапката поминува низ неколку фази, постојано обременета со алатки што економските оператори ги користат со цел да го добијат тендерот, што нам пак, ни одзема драгоцено време. Сепак, се надевам дека наскоро ќе го добиеме изведувачот на работите и со нетрпение ќе очекуваме да започнат конкретните активности, вели Златко Ќурчиевски, директор на РЕК Битола за „Зелена берза“.
Зафатот е сложен процес, зошто не е еден филтер туку три. Секој еден од филтрите е со висина од 24 метри, и должина од 20 метри. Експертите велат дека тоа не е обичен филтер поставен на оџак, туку цел објект голем колку десетокатница и за време на реконструкцијата блокот не смее да работи, па ќе мора да е во капитален ремонт. Значи за нивното поставување е потребно, еден блок, таму каде што ќе се поставуваат филтрите, да не работи извесен период, 60, 80, па дури и 90 дена, зависно од потребите на компаниите кои се ангажирани за инсталирање на такви филтри. Бидејќи не можат оддеднаш да се исклучат сите три блока, обновата на филтрите ќе се извршува еден по еден во период од две до три години. Со реконструктивниот зафат дури за пет пати ќе се намалат емисиите на прашина од оџаците на РЕК Битола. Тие сега пропуштаат до 100 милиграми прашина на метар кубен. Во меѓувреме, се поставија нови норми до 50 милиграми на метар кубен, а реконструираните филтри ќе испуштаат најмногу до 20 милиграми на метар кубен, според директивите на ЕУ.
-На филтрите на РЕК Битола не е интервенирано повеќе од триесет години. Реконструкцијата која ја започнуваме драстично ќе го намали емитувањето на прашина во воздухот. Целта е да се достигнат западно – европските стандарди заради што во тендерот бараме од идниот изведувач да гарантира дека највисоката граница на прашина во воздухот ќе биде 20 милиграми на метар кубен. Тоа е стандард кој и во земји од Европската унија се уште не е воведен, но ние сакаме да направиме чекор понапред, имајќи во предвид дека каскаме зад развиените земји заради индолентниот однос кон обврската за заштита на животната средина изминатите петнаесетина години, вели Ќурчиевски. Што се однесува до сегашните филтри тие се проектирани на влез за 48,5 грама на метар кубен прашина, а на излезот до 100 микрограми на метар кубен. Тоа значи дека ако не работи филтерот, 17,42 килограми во секунда ќе се исфрла прашина во воздухот. Филтрите работат секој ден по 24 часа и такви ситуации нема.
Термоелектраната РЕК Битола, работи на јаглен, а пораката од Европската енергетска заедница е дека како земјава, како ќе се приближува кон ЕУ, ќе мора да го намали производството на струја од најголемиот загадувач, јагленот, кое кај нас изнесува огромни 70 проценти.
Планирани се вложувања и во фотоволтаични и ветерни електрани.
Енергетската заедница свесна дека земјава до 2020 година нема да ја исполни обврската да произведува 23 отсто од струјата од обновливи извори, ќе ни се дозволи загубеното да се надомести во следниве години.
За РЕК- Битола да го намали загадувањето во воздухот ќе мора да изгради и постројка за десулфуризација.
Пред две години словенечката компанија „Рудис“ од Трбовље изработила физибилити студија во која на комбинатот како најисплатлива варијанта му предлага да спроведе влажна постапка за десулфуризација за да ја намали емисијата на сулфурни оксиди, а за помалку прашина да ги реконструира постојните електростатски филтри.
Според пресметките само за филтрите и десулфуризацијата ќе треба да се вложат околу 140 милиони евра.
Проектот за влажна десулфуризација кој опфаќа изградба на постројка што по пат на влажна постапка ќе врши отстранување на сулфур диоксидот ќе чини околу 118 милиони евра.
А.Блажевска