fbpx
Без категорија

Глувци ги „прекопаа“ нивите во Штипско, земјоделците бараат спас

Дозвола за палење на стрништата под посебни услови и надзор од државата,   бараат земјоделци во Штипско, откако  како што велат, пробале се‘ и  нема  друг начин  да се спасат од глодарите кои им направиле големи штети на нивите.

 

Ги „прекопаа“ нашите ниви, ги направија сито и решето. И тоа  50 отсто што остана од сушата  и тоа го изедоа, се пожалија  жетварите во Врсаково и Сарчиево, загрижени дека од оваа реколта нема да ги наполнат амбарите со жито.

-Ги има по целото поле и напаѓаат по сите култури на пченицата,  јачменот, а сега почнаа и на луцерката. Штетите се големи, од 8 декари четири ги изедоа од едната и другата страна каде има луцерка, само средината стои, вели  Димче Тасев, земјоделец  од Сарчиево.

-Од детелината една педа луцерка косат и ја носат долу во дупките. Тоа нема ниту педесет отсто од откосот, рече и земјоделецот Зоран Тасев.

Ставени  на ваква  мака земјоделците  бараат интервенција од надлежните за  спас од  глодарите. Знаат дека палењето е казниво со закон, но ги пресметаа  и трошоците. Незадоволни се  од откупните цени, повеќе од  јасно е дека нема да ги покријат со празни вреќи жито.

-Законот си е закон кој како го сфаќа и тоа е за нив, за нас е непожелен закон. Забрусот 100 % се уништува, а и глодарите бегаат, нема што да внесуваат  внатре во земјата и ќе ги снема, истакна Димче Тасев.

Земјоделците бараат да се дозволи палење на стрништа

Владата треба да дозволи да се палат стрништата, ако не се палат, земјоделците   велат дека глувците догодина ќе ги има уште повеќе.

-Да ни дозволат да ги  палиме стрништата, со тоа голем  дел од глодарите ќе се уништат. Нема да палиме без  нивно знаење. Ќе пријавиме  во противпожарната служба и кога ќе  ни одредат денови, тие денови  да бидеме сите со својата механизација на своите површини. Друго чаре нема, ако може да излобираме  да ги палиме со дозвола и документ, мислам дека ќе можеме да ги уништиме глодарите и  штетниците, бара земјоделецот Јонче Велков од Врсаково.

Третирањето досега со скапи препарати не дале резултат во справувањето со глодарите, тврдат земјоделците од овој дел на Овчеполието. Ако не интервенира државата следна реколта нема  да има, децидни се тие. Велат  се ужаснати од глетката, кога  ги наводнувале  нивите со луцерка кога  од  ископаните  дупки  по нивните  раце и нозе  им  скокале глувци поради што стравуваат и од зараза.

-Има што да видиш, глувци колку сакаш кучињата ги собираат и ги јадат удавените глувци, раскажува Тасев.

За  жетварите  од Источниот Регион  оваа  е катастрофално лоша година за житните култури. Жнеат  под просечни приноси  кои се движат од  150 до 200 килограми од декар. Во родна година приносите во  регионот достигнуваат и до 4 тони од хектар. Палењето на  стрништа  е честа појава во регионот. Од  регионалната канцеларија на Државниот инспекторат за земјоделство во Кочани  велат  дека  годишно во просек поднесуваат до десет  пријави за  палење  на  стрништа. Од тука потврдија дека глобите за несовесни земјоделци е намалени, а се санкционираат  оние кои ќе бидат затекнати на нива. Пред  неколку  години во Овчеполието се појави болеста туларемија позната како глодарска треска  која   што ја  пренесуваат глувците и тогаш на Инфективно одделение  во Штипската болница беа хоспитализирани  неколку  жители, земјоделци  од Светиниколско.

 

Јулија Малинова

 

Слични написи

Back to top button
Close