Вкупно 124 лица ја користат владината мерка – Млад земјоделец. Младите кои прв пат сакаат да се занимаваат со земјоделска дејност преку превземање на постоечко земјоделско стопанство или со воспоставување на ново, добиваат финансиска помош од државата во вредност од 10 илјади евра. Оваа мерка беше во Програмата за рурален развој од 2014-та година, со која треба да се поттикне агро бизнисот. Лидерот на владеачката партија, Груевски, задоволен од интересот кај младите.
– Проектот е одличен, дава добри резултати, помага на многу млади земјоделци и помага на многу млади луѓе да почнат да се занимаваат со земјоделство и со тоа да си ја обезбедат својата егзистенција. Често многу од овие луѓе се невработени лица, примаат социјална помош или живеат од средствата на своите родители. Со оваа поддршка и со неколку други активности што тие самите ќе ги направат во прибирање на средства за почнување со работа практично се овозможува многу луѓе да излезат од групата на невработени или на приматели на социјална помош и да влезат во група вработени и луѓе кои остваруваат приходи за себе, за своето семејство, а можеби со тек на време ќе почнат да вработуваат и други лица, рече Груевски.
За користење на оваа мерка можат да аплицираат лицата кои за прв пат почнуваат да се занимаваат со земјоделство , а поддршката се однесува на млади од 18 до 40 години. Земјоделците прво ги реализираат планираните инвестиции и документите за тоа ги доставуваат до Платежната агенција, од каде во целост ќе им бидат вратени инвестираните средства до 10 илјади евра.