Годинава ќе почне чистењето на сите несоодветни депонии и ѓубришта во Источен и Североисточен регион
Чистењето и затворањето на несоодветните депонии и ѓубришта во Источниот и Североисточниот регион на земјава ќе чини 9 милиони евра.
Чистењето и затворањето на несоодветните депонии и ѓубришта во Источниот и Североисточниот регион на земјава ќе чини 9 милиони евра. Со овие финансиски средства ќе се чисти натрупаното ѓубре на нестандардните депонии од јавните комунални претпријатија, како и фрлањето на отпадот од несовесните граѓани на забранети локации.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање за „Мета.мк“ информираат дека избрани се две компании од Германија и Турција, кои во наредниот период ќе работат одделно во Источниот и Североисточниот регион од земјава. До крајот на февруари ќе се изберат и двете компании што ќе го вршат надзорот над работите, по што сложената постапка ќе треба да почне.
Затворањето на депониите и ѓубриштата ќе се одвива во две фази. Во Источниот регион се регистрирани 12 несоодветни депонии и 72 диви ѓубришта, додека во Североисточниот регион има определено шест депонии за чистење и 32 диви ѓубришта.
Со обезбедените средства, во наредните месеци ќе се исчистат сите 104 идентификувани ѓубришта во двата региона. Воедно, комплетно ќе се исчистат несоодветните депонии создадени на териториите на Општина Чешиново-Облешево, Зрновци, Карбинци и Старо Нагоричане, а предвидено е комплетно затворање на депониите во Кратово, Крива Паланка, Пробиштип, Виница, Берово и Македонска Каменица.
Првата фаза опфаќа расчистување на ѓубриштата и затворање на помалите депонии и депониите кои претставуваат висок ризик кон животната средина што е можно поскоро и парцијално затворање на останатите депонии. Во вторава група на делумно затворање на депониите, влегуваат постојните несоодветни локации во Куманово, Ранковце, Липково, Штип, Кочани, Делчево, Пехчево и Свети Николе.
Во втората фаза, откако би се воспоставил регионалниот систем за управување со отпад (вклучувајќи ја и изградбата на идната регионална депонија во Општина Свети Николе), предвидено е комплетно затворање на сите други оперативни депонии во Источен и Североисточен плански регион.
Инаку, депониите и ѓубриштата ќе се затвораат по три модели. Сите оние локации на кои е депониран отпад помал од 3.000 метри кубни, ангажираните компании ќе ги исчистат локациите, додека ѓубрето ќе се премести на постојните несоодветни депонии. Останатите локации на кои е напластен отпад во количества до 10.000 метри кубни, планирано е затворање и покривање на депониите без систем за собирање на биогасот. За поголемите депонии со над 10.000 метри кубни отпад, работите опфаќаат нивно затворање, стабилизирање и покривање со систем за собирање на биогасот.https://meta.mk/godinava-kje-pochne-chistenjeto-na-site-nesoodvetni-deponii-i-gjubrishta-vo-istochen-i-severoistochen-region/