Големите извозни компании се спасот на економијата после пандемијата
Анализа на „Фајненс Тинк“
Домашните извозни компании можат да бидат основата на растот и на развојот на економијата по завршувањето на ковид пандемијата, затоа што тие се портата кон странските пазари и значително учествуваат во бруто домашниот производ. Во последните 10 години тоа бележи раст од 10 проценти, и лани достигна 62 отсто од вкупниот БДП. Иако сите извозни компании, помалку или повеќе, го почуствуваа ударот од ковид кризата, најмногу во намалената побарувачка на глобалните пазари и ограничените набавки, тие имаат капацитет за нови инвестиции во технологии и за зголемување на производството, при што ќе им биде неопходна поголема поддршка од државата, пред сѐ во делот на увозните давачки и кадровскиот потенцијал.
Ова, меѓу другото, беше посочено на дебатата „Економијата на крстопат, кој ќе биде моторот на растот по ковид-19“, во организација на „Фајненс тинк“, а како основа беше презентирана публикацијата „Потенцијалот на извозно ориентираните компании за придонесот за пост Ковид-19 економското опоравување во Северна Македонија“. Таа е подготвена во рамки на проектот „Остварување на потенцијалот на извозно ориентирани компании да придонесат за закрепнување по Ковид-19“, финансиски поддржан од Владата на Велика Британија и Британската амбасада.
Резултатите од шестмесечното истражување на „Фајненс тинк“ покажале дека, иако не останаа имуни на ковид кризата и имаат забавен раст, големите домашни компании можат да бидат мотор на креирањето на идните економски политики, бидејќи развиените европски држави и нивните пазари се тие кои први ќе излезат од кризата, а токму тоа е битно за извозните компании.
Бојан Србиновски од „Фајненс тинк“, објаснувајќи за публикацијата врз основа на анкета на 73 извозни претпријатија, посочи дека поголем дел од нив очекуваат побавен раст отколку во времето пред ковид кризата, а дека прехранбената, фармацевтската и автомобилската индустрија беа помалку погодени, дури автомобилските странски компании во земјата имаа раст на извозот. Сепак, сите имаат потенцијал, по пандемијата, за зголемување на производството, на инвестицииите и на вработувањата, за разлика од неизвозните фирми кои имаат мали очекувања за заздравување. За големите компании да го постигнат тоа, потребни се усогласување на царинските стапки со оние од ЕУ, намалување на увозните давачки за опрема, субвенции за нови инвестиции, за квалификуван кадар преку дуалното образование како и полесен пристап до долгорочни финансиски извори.https://meta.mk/analiza-na-fajnens-tink-golemite-izvozni-kompanii-se-spasot-na-ekonomijata-posle-pandemijata/