fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Горан Ристов-Поскапувањето на ѓубривата го направи неиздржливо земјоделското производство

Се поскапи, само нашето производство се откупува за џабе, се жали нашиот земјоделец.

Горан Ристов (35), е млад земјоделец од селото Давидово, кој гордо раскажува дека живее во село во кое има најголем број на млади земјоделци. Село во кое младите не се откажуваат од земјоделие и од своите ниви, но предупредува дека трошоците за производство растат од година во година, а  најголемо поскапување се бележи токму оваа година, што земјоделското производство го прави нерентабилно или едноставно кажано неиздрживо.

Ристов обработува 2 хектари со земјоделски култури- зелка, кромид, компири како и жито и лозје.  Заедно со аргати го затекнавме на нива на која садеше кромид. Вели дека кромидот ќе го продава на пролет а дотогаш ќе брои само трошоци.

-Земјоделци сме, работиме, ама сите трошоци многу поскапеа. Препаратите имаат високи цени, ѓубривото многу поскапе и не можеме да работиме. Ако минатата сезона една вреќа ѓубриво беше 500 денари, сега е 1.000 денари. Ќе дојдеме во ситуација до година да нема кој да сее, кој да сади. А го сакаме земјоделието, работиме напорно младите од моето село, вели Ристов.

Овој наш земјоделец во исто време е вработен и во фабрика за конзервирање на земјоделски производи која функционира во нивното село, каде се вработени и голем дел од неговите соселани.

-Во нашето село многу се работи, и во фабриката и по нивите. Едноставно младите не го губат денот, работат напорно. Селото не е многу големо, но тука живеат вредни млади луѓе. Она што ги поттикнува младите да работата е поврзаноста со земјата, со нивите. Јас лично на работа сум до 14 часот, и веднаш од таму доаѓам на нива, раскажува Горан.

За да ги исполни обврските на неговите ниви Горан вели дека ангажира наемни работници-„Морам да платам работници за да престигнам во сеидбата“, објаснува тој.

Сепак, се жали дека производите се евтино платени и дека накрај има сезони кога земјоделците не можат да ги покријат ниту трошоците.

-Лани кромидот почна да се откупува по цена од 20 денари за килограм, па падна на 18, на 12, на 10 денари и на крај не можеш да го до продадеме ни за 8 денари за килограм. Годишно произведувам од 15 до 20 тони кромид и загубата е голема. Само од оваа нива лани набрав 7 тони кромид и го продадов за џабе. Имаше сезони кога кромидот и зелката одеа по мизерни 5 денари од килограм, па не можев трошоците да си ги надоместам, вели Горан.

Ристов вели дека и покрај неповолната состојба во земјоделието не размислува да ги продаде нивите, туку како што вели сака да купува земја.

-Ниви не продавам, туку купувам. Ова е една од најплодните почви во Македонија. Нивата ако е патот како оваа мојата чини поскапо, ако  е горе во ридот поевтино, може да чини 1 декар земја и 500 евра, ама не се купува, значи се зависи од пристапот до нивите, вели Горан.

Како сопственик на земјиштето Ристов зема субвенции и вели дека таа политика на државата треба да се менува во интерес на вистинските земјоделците на оние што реално ја обработуваат земјата.

Текст-Анета Блажевска

Фото-Ивона Кочов

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close