Граѓаните на мака нема регистарски таблички два месеци
Од МВР велат: За тендерот се чека решение од Комисијата за жалби
Големи поплаки од граѓаните во земјава за регистарските таблички за нивните автомобили. Поголем број читатели на Фактор се жалат дека иако уредно платиле регистрација и ги поминале сите процедури, од станиците не можат да добијат регистарски таблички, а некои чекаат период и од веќе два месеци. Еве што раскажува еден од нашите соговорници.
„Јас претходно го возев мојот автомобил со бугарски таблички. Но, сега сакав да го пререгистрирам автомобилот и да си извадам македонски регистарски таблички. Иако уредно си платив и царина и ги поминав сите процедури, а ги платив и сите потребни давачки за регистрацуија и слично, не можам да си ги добијам регистарските таблички. Од станицата ми велат дека луѓе чекаат и по два месеца за таблички, бидејќи таблички едноставно нема“, вели нашиот соговорник.
Тој додава дека во Бугарија, за регистрација на автомобилот и за сите други потреби му бил потребен само еден ден.
„Тука целата процедура траеше речиси два месеци, при што уредно платив за сите потребни документи, за хомологација, за регистрација и за се што треба, и сега излегува дека не можам да ги добијам регистарските таблички, што значи не можам да го возам автомобилот. Ова е еден голем апсурд, дотолку повеќе што веќе ми истекува периодот на регистрација, а јас не можам да си го возам сопствениот автомобил“, вели овој наш граѓанин. Тој вели дека му дале само потврда дека може да го вози автомобилот, додека не стигнат регистарските таблички.
„Но, што ми вреди таа потврда, бидејќи автомобилот можам да го возам само на територијата на мојата општина, но не и надвор од неа. А да не зборуваме што не можам да заминам во странство во време на годишни одмори“, се жали овој наш сограѓанин.
Според неговите сознанија, а и на неколку други граѓани, наводно некој го добил тендерот нма МВР за таблички, но се шпекулирало дека тој се уште немал машина за нивна изработка.
„Но, сето ова се само шпекулации. Нас граѓаните тоа не не интересира, туку само дека после толку време се чудиме зошто не можеме да си ги земеме регистарските таблички“, вели овој наш сограѓанин.
Се жали и еден друг граѓанин.
„Во Кочани, а како што имам разбрано и во некои други градови во Македонија, веќе два месеци нема регистерски таблички. Јас пред некој ден зедов ново возило, и буквално од сите станици во Кочани добив инфо дека немаат таблички, добиваат по 20-тина на две недели, но има доцнење од два месеци, или во превод, кој поднел барање во април, дури сега добива регистерски таблички. Во некои од станиците има и по 70 до 120 возила кои имаат платено осигурување и регистрација, а наместо таблички, добиваат потврда, која важи исклучиво во Македонија. Надвор, од границите на земјава, со истата потврда, не е дозволено да се патува. Така што, доколку некој има потреба од здравствен, бизнис, спортски, итн карактер, не е во можност со сопствен превоз да реализира излез од државата“, вели овој наш сограѓанин, барајќи помош од медиумите како да се надмине овој голем проблем со кој се соочуваат граѓаните.
Фактор постави прашање до МВР зошто и по два месеци нема регистарски таблички за граѓаните, односно толку треба да се чека. Која фирма сега го добила тендерот и зошто е раскинат договорот со претходната фирма? Кој е проблемот со новата фирма, зошто не ги изработува табличките на време?
Од МВР велат дека како што веќе ја информирале јавноста, истечен е претходниот договор со Раде Кончлар, а за новата набавка се чека договор од Државната комисија за жалби по јавни набавки. Во меѓувреме била спроведена и итна постапка, со која се премостувал проблемот.
„Што се однесува до регистерските таблички, веќе ја информиравме јавноста дека претходниот договор со ‚Раде Кончар’ истече, а редовната постапка за набавка на таблици е обжалена и се чека решение од ДКЖЈН. Во меѓувреме, спроведена е итна постапка со цел обезбедување на таблици до завршување на редовната постапка, каде избран е економскиот оператор ‚Квантум’ од Скопје кој настапува како група на понудувачи со оператор од Германија. Со тоа го надминуваме периодот до завршувањето на сите постапки околу редовната набавка“, велат од МВР.
Неофицијално, се очекува проблемот многу скоро да биде надминат, бидејќи Комисијата веќе ја донела својата одлука. https://faktor.mk/gragjanite-na-maka-registarski-tablichki-nema-i-po-dva-meseci—od-mvr-velat-za-tenderot-se-cheka-reshenie-od-komisijata-za-zalbi