fbpx
Вести

Грешки на пчеларот

Една од основните грешки што ги прави пчеларот е кога друштвата не се добро истретирани против вароа. Зимските пчели, ако се оштетени од вароата, тешко ја дочекуваат живи пролетта. Затоа, пчеларот треба да почне со заштита уште кон крајот на јули.

Овој месец на пчеларникот нема големи активности. Преостанува да се изврши заштита од вароата со оксална киселина, ако тоа не е сторено досега. Оваа година до доцна имаше легло, па задоцни и заштитата со оваа киселина. Оксалната киселина е едно од најуспешните средства за заштита на крлежот односно го ништи во процент од 97 до 99%. Ваквата ефикасност се должи на тоа што во ова време нема легло, а со тоа и самата вароа директно е изложена на дејството на киселината. Оваа киселина е органска заштита и не остава резидуи во восокот и медот. Медот и без тоа содржи ваква киселина.

Една од основните грешки е кога друштвата не се добро истретирани против вароа. Зимските пчели, ако се оштетени од вароата, тешко ја дочекуваат живи пролетта. Затоа пчеларот треба да почне со заштита уште кон крајот на јули. Ќе набројам некои од многубројните грешки што ги прават пчеларите, не намерно, туку од недоволно едукација:

1. Разградување на сахарозата (шеќерот) – Станува збор за многу амортизирачки процес кој ги оштетува органите на пчелите. Колку повеќе им се дава сируп за преработка, толку повеќе се истоштуваат пчелите. Лошо е тоа што таа исцрпеност се предава и на следната генерација пчели, бидејќи пчелите кои не се витални не можат да одгледаат витално наследство. Изгубената виталност се одразува врз следното потомство со недоволна и неправилно нахранета ларва, а со тоа и лоша новоиспилена пчела, односно, таквите пчели немаат особини и статус како зимските пчели. Како поука од ова би било: друштвата кои се прихрануваат со сируп, по 20 август и во септември создаваат многу пчели кои не се во состојба да презимат. Ако прихранувате, правете го тоа во почетокот на јули и тоа краткотрајно и обилно.

2. Грешки околу работата со поленот – добриот развој на пчелното семејство е незамислив без цветен прав и перга. Цветниот прав (поленот] треба да го собираме кога го има во изобилство (во пролет], но пчеларот треба да знае да го собира, складира и да го даде на пчелите кога го нема доволно во кошницата. Често пати во април го има во толку големи количества што дури и матицата е блокирана во несењето. Во ова време треба да ги поставиме „фаќачите” за полен и да го собираме, а со тоа сме направиле две добри работи: собрано е полен за продажба, а дел од него можеме да го употребиме за прихрана на пчелите во февруари.

Често пати се случува во февруари во клубето да нема перга и пчелите, немајќи од каде да земат протеини (белковини) преживуваат белковинска глад, иако на неколку сантиметри од клубето има доволно перга, но за нив е недостижно. Пергата не ја пренесуваат како медот, од една ќелија во друга, таа останува таму каде што е складирана. Во случај на белковинска глад се интервенира со поленска погача над сатоносите над самото клубе. Добро е ако се има во резерва рамки со мед и перга, па да се додаде во еден краен дел од зимското клубе и тогаш не треба да се прави погача. Во нашите пчеларници, секое друштво има по една ваква рамка од секоја страна на кошницата. Ваквите рамки за време на зазимувањето ги ставам како втори од секоја бочна страна, па при првата интервенција во топол февруарски ден набрзина само се вади една ваква рамка и се додава во клубето. Ваквите рамки гледаме да бидат претежно со мајски полен кој е многу поквалитетен од есенскиот кој понекогаш знае да биде по малку и отровен и го кочи развојот на друштвото.

3. Водата и грешките со неа – голема е грешката на пчеларот ако уште од првите пролетни денови не поставил поилка на пчеларникот. Пчелното друштво без вода не може да одгледува легло. Мешајќи мед, полен и вода, пчелите прават храна за ларвите. Потребите за вода се големи, а носејќи вода, пчелите многу брзо се амортизираат. Амортизацијата не доаѓа од тоа што носењето вода е тешка работа, туку излегувајќи надвор од кошницата по вода (а температурата е ниска], пчелите се здрвуваат и тешко се враќаат или воопшто не се враќаат во кошницата. Ова е уште поизразено ако водата е ладна и во место каде што нема доволно сончева топлина.

За да се избегне ова, пчеларот треба да постави поило кое ќе биде затскриено од северната страна, а преку денот може да се налева и млака вода во поилото или тоа да биде снабдено со некое слабо греење (грејач). Водата е потребна и во топлите денови, а во летните горештини над 35оС пчелите уште повеќе бараат спас во водата. Тие носат вода да испарува во кошницата, а со тоа да ја одземат температурата и да се ладат. При поголеми горештини и долги и трајни суши, над 90% од пчелите собирачки на нектар се префрлаат во водоносачки, а истото се случува со голем број на внатрекошнички пчели (дадилки) кои стануваат водоносачки преку целиот ден.

Често пати во вакви случаи не можат да донесат доволно вода, а со тоа се „топи” леглото, односно тоа е се помало и помало. Пчелите не држат вода во резерва, туку носат секој ден за да ги задоволат дневните потреби. За да одржиме природно биолошки јако друштво, потребна е хигиенски чиста вода која се чува во посебно изработени поилки. Својата неодговорност и неснабдувањето на пчелите со чиста и блиска вода, пчеларот ќе ги плати со загуба во мед, загубено здравје, краток живот, а често и со смрт на пчелните друштва. Според најновите сознанија, кога „сите” пчели носат вода, семејството ја губи врската со околината, тоа брзо ослабува и тешко може да се крене. Кога зборуваме за вода, треба да потсетиме на една позната изрека: „Водата не е се, но без вода, сето е ништо”.

4. Оптимална микроклима во кошницата – таа често пати се нарушува, а најмногу преку зимата. Науката и практиката се согласуваат дека микроклимата во кошницата треба да биде многу слична на онаа во далечното минато кога пчелите живееле во шупливи дрвја и бртви во карпите. Препораките на науката и на солидната практика се дека најдобро е силното друштво да се зазими во триделна Л.Р. кошница. Покрај ова, се препорачува да има и еден празен наставок, т.н. „воздушна перница” или претсобје на кошницата. Тој наставок може да биде медиштен или плодиштен, празен или полн со рамки, а се става веднаш над подницата. Добро е да се извади од секоја бочна страна по една крајна рамка за да може влагата да се спушта слободно надолу по ѕидовите на кошницата во вид на капки.

Подницата е добро да има мрежа бидејќи мрежестите подници се за многу функции. Есенско-зимското стеснување на пчелите не е пожелно. Пчелите сакаат вентилација која ги штити од амортизација. Посебно е важна летната дополнителна вентилација. Таа се прави со додатни отвори на наставците или со поместување на наставците наназад за два до три сантиметри, така што помеѓу двата наставци преку цела ширина се отвора помошно вентилационо лето, а со тоа се добива: помала потрошувачка на храна има помалку влага и мувла, повеќе затворено легло, помала смртност на пчелите, се прават излети и на пониски температури и секогаш се продолжува животниот век на пчелите, нема стресни ситуации, подобро испарува водата од нектарот, има помалку за ангажирани пчели за вентилација, побрзо стигнува нектарот до ќелиите во кои се депонира (се скратува патот), нема тесно грло на полетувалката, се продолжува животниот век на пчелите и друго.

5.  Работење со целогодишно слаби и средни друштва само целогодишно јаки семејства произведуваат најквалитетни пчели, трутови и матици. Само од јако друштво може да се создаде добар рој – нуклеус, без тоа значителноно да се одрази на неговата јачина и принос. Само јаките друштва можат да се изборат со болестите. Преку зимата, одржуваат висока температура (34-35оС) во клубето, а со тоа се штитат од ноземозата. Јаките есенски друштва со 8-10 улици пчели трошат малку храна по единица пчела и имаат развој многу рано. Ним им е потребно само квалитетна и доволно храна. Кога има повеќе храна, таа служи како амортизер на брзите деноноќни температурни промени. Полните рамки со запечатен мед акумулираат топлина и бавно ја испуштаат – восокот се лади многу бавно. Восокот има таква особина -бавно да ја испушта својата топлина.

6. Менување на старите црни рамки – овие рамки имаат многу поплитки и потесни ќелии во саќето од коишто се испилуваат помали и полесни пчели, а тоа доаѓа затоа што од секоја испилена пчела останува кошулка и фекалии во ќелијата. Рамка во која се испилени девет генерации пчели веќе е црна и со многу недостатоци. Таквата рамка е тешка и пчелите често се обидуваат да ги изгризат кошулките, што е многу тешка работа и се губи многу време, труд и храна. Во старо саќе се раѓаат пчели со помало стомаче, помали крилја и сите делови на телото се намалени. Таквите пчели се помалку работоспособни. Рамката која е стара и за исфрлање ќе ја препознаете ако ја свртите кон сонцето и преку неа не можете да ги гледате раширените прсти од раката.

Извор: Моја земја

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close