Хидросистемот Стрежево подготвено ја почнува новата сезона за наводнување
Се очекува успешна сезона за наводнување. Акумулацијата во Стрежевското Езеро во моментот е со нормални количини вода односно ќе се обезбеди доволно вода за реализација на планот за наводнување за оваа година, вели директорот на ЈП Стрежево Методија Граматковски.
Новата сезона за наводнување ЈП Стрежево ја започнува со акумулација во езерото со приближно 90 милиони метри кубни вода, со интенција за натамошно зголемување на водостојот. Благодарение на рационално користење на водата, намалување на загубите на вода на минимум, штедење на водата, ефикасно и одржливо функционирање и користење на системот, претпријатието располага со доволно вода за реализација на планот за наводнување за престојната наводнителна сезона, информираат од ЈП Стрежево.
-Очекуваме оваа година да се обезбеди навремено и квалитетно наводнување на повеќе од 5.000 хектари земјоделска површина или согласно нашите реални процени да имаме над 2.000 корисници. Перманентно вложуваме напори преку теренски активности за склучување на договори со земјоделците за престојната сезона за наводнување. Носители на договори за испорачување на вода за наводнување се правни или физички лице кои имаат сопствена земјоделска површина или површина под концесија или закуп, вели за Зелена берза Методија Граматковски, директор на ЈП Стрежево Битола.
Хидросистемот “Стрежево” има подрачје на делување на потегот од грчка граница и врши испорака на сурова вода за наводнување на земјоделски површини до атарот на село Лисолај. Хидросистемот “Стрежево” претставува исклучително комплексна целина од хидротехнички објекти со кои се уредува режимот на користењето на водите, што опфаќа брана со акумулација и зафати, канали за доведување и одведување на вода, вклучувајќи ги распределителните градби, прегради, преливи, пропусти, заштитни насипи, хидроцентрали, детална цевководна мрежа и придружна инфраструктура – патишта, згради, и земјиштето под и во непосредна близина на хидротехничките објекти во обем потребен за користење и одржување на објектите.
За плановите и дали во иднина ќе има инвестиции поврзани со проширување на системот, еве што одговори Граматсковски:
– Претпријатието е фокусирано на реализација на предвидените инвестиции, со прецизна стратегија, јасен фокус и визија во сите сегменти. По проширувањето на земјоделските површини во село Лисолај со нова хидромеханичка опрема во вредност од 2 милиони денари во тек е реализација на проект во вредност од 20 милиони денари за рехабилитација на Главен цевковод G-1 ( Драгарино – Могила), замена на дотраени цевки со DN 500mm со нови дуктилни цевки со DN 600mm во атарот на Општина Могила. Се врши промена и на хидромеханичката опрема во селата Поешево, Кравари, Бистрица, Олевени и Жабени односно се инсталираат линиските затворачи со DN 600mm на главните цевководи: 6C (Кравари – Оптичари), 7C (Бистрица) и 8C (Барешани – Жабени – Егри).
Следниот период ќе се реализира и проектот за наводнување преку река Шемница во атарот на село Могила. Оваа 2020 година очекувам да биде година со многу задоволителни резултати, година во која ќе успееме да спроведеме рационална експанзија на хидросистемот на задоволство на нашите водокорисници.
Проектот за премостување на системот преку Црна за наводнување на Новачко поле ќе реши еден голем проблем за земјоделците чии површини се наоѓаат во Новачко поле. Граматковски вели дека проектот за проширување на системот преку река Црна е во фаза на реализација. Првите 650 метра од јужниот крак на системот “Новаци” се веќе инсталирани.
-Со префрлањето на системот за наводнување преку река Црна ќе им се олесни работата на земјоделците, ќе им се зголемат приносите на земјоделските култури а ќе се добие и поголема профитабилност на производството. Со целосната реализација на овој проект ќе се обезбеди вода за наводнување на околу 500 хектари обработлива земјоделска површина, објаснува тој. За натамошна експанзија на хидросистемот треба адекватна подготовка и соработка за интегриран пристап во заштитата и изнаоѓањето на нови водни ресурси. Системите за управување со водите се чувствителни на промените во врнежите и истекувањата и мерките за приспособување кон климатските промени бараат значително време и средства за да се спроведат.
Земјоделците можат безгрижно да ги планираат земјоделските активности оти ова лето ќе има доволно вода. Покрај за наводнување хидросистемот ги има неопходните количини на вода за непрекинато водоснабдување на општината Битола, РЕК “Битола” и локалните индустриски капацитети. Од претпријатието апелираат на рационално и домаќинско користење на водите.
П.Ј.