вести

И Македонците ќе јадат чоколади и ќе користат шампони со ист квалитет како Европејците

Европратеничката Борзан со хрватската Агенција за храна со европски пари треба да докаже дека чоколади од ист производител во Германија и Хрватска, но и во Македонија не се со ист квалитет и со ист состав.Таа  вели дека е време да нема потрошувачи од прв и втор ред.

i makedoncite kje jadat chokoladi i kje koristat shamponi so ist kvalitet kako evropejcite

 

Прашок за перење од познат бренд купен во Германија, во Хрватска и во Македонија не е со ист квалитет. Квалитетот е различен и за чоколадите, чоколадните намази, но и за средствата за лична хигиена како шампони, кремови за лице, пасти за заби. Токму овој податок и постојаните жалби на потрошувачите во Хрватска дека добиваат помал квалитет биле главна причина за европратеничката од Хрватска, Билјана Борзан да почне истражување со кое ќе го докаже тврдењето на граѓаните не само на Хрватска, туку и во сите земји од Балканот, меѓу кои е и Македонија, дека за ист производ добиваат различен квалитет. Борзан вели дека станува збор за сеопфатно и долго истражување, кое ќе се прави со нивната Агенција за храна, а ќе биде финансирано со европски пари.

Понеквалитетни и поскапи производи

Освен храната, во истражувањето ќе бидат вметнати и автомобилски делови, бела техника, козметика, средства за лична хигиена. Ќе се прави споредба на исти производи од Чешка, Германија и од Хрватска, а ќе се испитуваат составот, квалитетот и безбедноста.

– На оваа идеја дојдов бидејќи граѓаните често се жалат дека еден ист производ купен во две земји е со различен квалитет. Веројатно тоа го има и кај вас. Хрватските потрошувачи најмногу се жалат на прашоците за перење и козметика (маскара, гелови за туширање итн.). Од прехранбените производи, се жалат на квалитетот на бонбони и слатки, безалкохолни пијалаци, месо и млечни производи. Многу често има поплаки на квалитетот на уреди како што се правосмукалки или автомобилски делови вели Борзан.

Според неа, ќе се испитуваат и прехранбени, но и непрехранбени производи. Производите ќе се тестираат лабораториски со анализи на состојки и ќе се прави споредба на добиените резултати со декларациите. Ќе се споредуваат и декларациите на исти производи во различни држави. Покрај составот, ќе се анализираат и цената и фактот колку составот влијае на нејзината висина. Трошоците за истражување ќе ги сноси Европскиот парламент.

– Време е да нема потрошувачи од прв и втор ред. Ако сме членки на една унија, треба за своите пари да добиваме ист квалитет. Но и да не купуваме во рамките на една држава. Квалитетот треба да се реши на ниво на ЕУ, но и на сите земји од Југоисточна Европа вели Борзан. За тоа дека постои различен квалитет на еден ист производ, Борзан потсетува на истражувањето што во 2011 година го објави словачката агенција за потрошувачите. Тоа покажа дека производите што се продаваат на полиците на старите и новите земји-членки имаат значителни разлики во квалитетот. Европската комисија го кофинансираше истражувањето, но со години ги игнорираше неговите резултати. Стануваше збор за газирани сокови.

– Студијата покажа дека 14 од 24 производи не само што се разликуваат по квалитет туку се и поскапи во новите членки на ЕУ отколку во старите. Значи не само што квалитетот е помал туку и цените се различни вели Борзан.

Chocolate_620x0

Резултати следната година

Пратеничката Борзан во јануари со директорот на хрватската агенција за храна Андреа Грос Бошковиќ се договориле за текот на истражувањето. Планирано е и мислењата на граѓаните да се собираат со анкетно истражување.

– Секоја фаза на истражувањето ќе биде во консултација со јавноста и производителите, така што нема да се загрози транспарентноста на процесот, а резултатите ќе се знаат по една година или година и пол. Често ме иритира фактот што, на пример, „стапчиња” од риба на пазарот на нови земји-членки имаат седум проценти помалку риба отколку на пазарот во Германија иако се произведени во иста фабрика во Данска. Мислам дека тоа е приоритет за решавање во реалниот пазар и е дискриминација со која нашите граѓани се соочуваат со секој ден вели Борзен.

Според неа, изјавите на производителите од типот дека секој производ се приспособува на вкусот на граѓаните од различна држава е беспредметен.

– Во сите документи ЕУ ја нагласува еднаквоста на земјите-членки, но тоа не мора да биде само во однос на јазикот или националните карактеристики. Производителите знаат да кажат дека станува збор за локален вкус и оти одредени нации сакаат помрсна храна. Но тоа е само лага, бидејќи такво истражување никогаш никој од нив нема спроведено вели Борзан.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close