fbpx
ВестиТоп вести

И уште, како Струга нема друга

„Во Струга дуќан да имам“ , „Како Струга нема друга“ скоро на секого му се познати овие фрази напишани за градот Струга, а опеани во песните. Можеби песните ќе бидат, тие, што во некое идно време ќе потсетуваат на едни времиња кога имало многу народ, се  јадело и пиело,но и се работело и печалело.

Исто како во песната, Ајри Далипи од с. Корошишта сакал да има дуќан во Струга. По професија  е агроном и штом останал без работа  по распаѓањето на стариот систем  успеал да отвори дуќан во Струга. Отворил земјоделска аптека „Беса“ во пазарот на Струга, која иако мала сепак се задоволувале потребите на земјоделците не само оттука  туку и од регионот па и надвор од нашите граници.

„Се работеше многу. И сега се работи, ама ништо не е како порано, не е онаа Струга што беше. Дуќанот го имам 10 години. Ако направам споредба од почетокот до денес, страшно е. Порано продавав по 70 – 80 тони семенски материјал, сега едвај 15 – 20 т. На почетокот носев по 600 -700 вреќи пченка, а сега е сведено на 300 – 400  вреќи од кои 25% оди за Албанија„, раскажува Ајри при посетата на Зелена берза во Струга.

Со загриженост раскажува дека сега нема кој да работи. Многу од луѓето ги напуштиле нивите и заминале на печалба во странство. Со тага во очите се сеќава на времињата кога во неговото родно село Корошишта обработувал многу земја.

„Сега сум изморен и не можам да работам. Во нашето село се работеше многу. Сега е ужас. Произведував по 30 тони компири, 10 -15 тони јаболка, зелка, тутун. Се’ што ќе се ставеше в земја раѓаше. Сега нема кој да работи. Младите си заминаа и остана  само оваа  генерација која може да работи уште неколку години. После тоа, никој не знае што ќе биде, вели Ајри“.

Состојбата е многу лоша. Ајри вели дека на секого што бара совет од него (бидејќи е агроном) му излегува во пресрет. Вели дека во струшкиот регион има голема земјоделска површина што не се обработува. Луѓето не може да работат како порано и тие што останале овде се преориентираат кон други култури кои се полесни за одгледување.

„ Околу струшките села : Новосело, Дабовјани, Горно и Долно Татеше има над 100 ха земја од која 70% не е обработена. Моментално ништо не се сади. Тешко да се сее жито на некоја нива. За пченка пак, нема шанси. Водоводот кој  датира уште од комунизмот и од кој се наводнувало цело поле, не функционира. Нема вода , а без вода нема ништо. Никој не сака да слушне за земјоделие, вели Ајри. Нашите села се многу убави. Големи се и има многу убави куќи, ама никој нема во нив, затворени се “ додава тој.

Фактот дека младите се иселуваат го потврдува со информацијата што ја слушнал од наставниците за бројот на првачињата што оваа година се запишале на училиште. Во с.Корошишта имало 16 првачиња, Велешта  е големо село  и има 12 – 13 првачиња. Додека пак надвор  од  Корошишта  имало 150 деца.

Нема луѓе, нема стока, нема кој да произведува  и тие малку што се останати не може да бидат конкурентни на пазарот.

„За една споредба, гравот што се произведува кај нас  по квалитетот не може да се спореди со оној што се увезува. Но не може да се спореди ниту по цената. Овдешниот се продава по 180 -200 денари, додека  увозниот се продава по 100 ден за килограм. Луѓето имаат трошоци и со тие цени не може да опстанат“, посочува Ајри.

Има ли спас од ваквата состојба  и ќе се најде ли решение или пак Струга и струшко ќе си останат како во песната  „Како Струга нема друга“, останува да  покаже времето.

П. Јовановска

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close