Игор Мирчески – Сојузот не си ја знае својата улога, а уште помалку го познава законот
Асоцијацијата има законска обврска кон јавноста и кон секој тутунар – не само да објави, туку и да информира, анализира и реагира навремено. Роковите не се административна формалност. Тие се гаранција за фер однос, еднакви услови и обострана доверба.
Коментар на Игор Мирчески околу состојбите во тутунопроизводството и Законот за тутун.
Нема веќе ни време, ни простор за калкулации и претпоставки околу висината на цените по класи за производство на тутун – реколта 2026 година, веќе се е конечно дефинирано, но дали е транспарентно?
Сојузот дали постапува согласно на Законот?
Транспарентноста не е прашање на добра волја, туку на законска обврска со точно утврдени рокови.
Членовите 13 и 14 од Законот за тутун, јасно ја поставуваат одговорноста и на откупувачите и на асоцијацијата на тутунопроизводители.
Член 13 – Откупувачот е должен најдоцна до 28 февруари во тековната година јавно да ја објави содржината на договорот.
Истата содржина мора да ја достави до највисоката асоцијација на тутунопроизводители, која исто така има обврска јавно да ја објави.
Ова значи дека објавувањето не е избор, тоа е роковна обврска.
До 28 февруари, јавноста и тутунарите мора да знаат под кои услови ќе се произведува и откупува тутунот во таа година.
Член 14 – Консултација пред склучување. Пред договорот воопшто да стане официјален, законот предвидува дополнителен механизам на контрола: Откупувачот е должен до 20 февруари во тековната година да побара писмено мислење од највисоката асоцијација на тутунопроизводители за содржината на договорот.
Асоцијацијата е должна во рок од 5 дена од приемот да достави писмено мислење. Овде улогата на асоцијацијата станува суштинска. Таа не е само информативен канал, туку активен учесник во процесот. Законот ѝ дава право, но истовремено и одговорност да реагира, да укаже на евентуални неправилности и да ги заштити интересите на тутунарите.
Што значи ова во пракса? До 20 февруари – асоцијацијата мора да биде вклучена во анализата на договорот.
Во рок од 5 дена, мора да даде мислење.
До 28 февруари, договорот мора да биде јавно достапен.
Асоцијацијата има законска обврска кон јавноста и кон секој тутунар – не само да објави, туку и да информира, анализира и реагира навремено. Роковите не се административна формалност. Тие се гаранција за фер однос, еднакви услови и обострана доверба.
Игор Мирчески – добар познавач на состојбите во тутунопроизводството




